АктуелноЛокално

Економски мерки – во чија корист и на чиј грб?

Во време на вонредна состојба, Владата може да ги користи сите ресурси – како државни така и приватни – за поефикасно и побезболно, како држава да се справиме со епидемијата. Поради тоа што покрај здравствени, оваа криза ќе има големи социјални и економски последици, од особена важност се економските мерки кои Владата ги носи за поддршка на стопанството.  

Со оглед на тоа што нашата Влада, не само што нема план како да произведе вредност туку нема ни намера за такво нешто, нејзината активност е базирана на задолжување и евентуална помош од странски субјекти, и секако, милостината на капиталистичката класа, од која дел се и повеќето членови на самата влада. Имено, никој не се запрашува како да се дојде до пари/средства, сите мислат и планираат само како тие да се потрошат.  А, во ситуација кога Владата има отворен џеб, пристап до различни извори и начини на финансирање, се зголемува опасноста за злоупотреби.

Досега за справување со кризата најавени се огромни заеми кои јавниот долг ќе го искачат на над 6 милијарди евра. Најголемиот дел (скоро се’) од потребните средства сепак ќе бидат обезбедени преку задолжување, и тоа: од ММФ заем во висина од 87 милиони евра, од Светска Банка за износ меѓу 100 и 120 милиони евра, како и од странските комерцијални банки за сума до 400 милиони евра. Притоа, нема никаква транспарентност; под кои услови ќе бидат земени овие кредити, како и за финансирање на кои мерки се земаат споменатите кредити – каде истите ќе се потрошат?    

Пакет мерки – во чија корист и со какви резултати

Токму поради тоа што токму државата во име на граѓаните ќе се задолжува, важно е да се знае како точно ќе бидат трошени парите позајмени за соочување со кризата, односно во чија корист ќе бидат донесените мерки и дали нивните придобивки ќе бидат еднакво распределени. Судејќи според неолибералниот менталитет на владејачките структури, за очекување е во пракса мерките да ја следат досегашната логика – под плаштот “заштита на економијата од која зависат сите” да се користат државни пари примарно за заштита на големи бизниси, а влијанието на таквите мерки врз работниците да остане целосно невидливо и нејасно. Па така, после кризата да се соочиме со најлошото сценарио: огромен јавен долг, голем број бизниси спасени со државни пари и десетици илјади нови невработени, задолжени и осиромашени граѓани.

Од самиот почеток на вонредната состојба, Владата најави еден куп решенија и донесе десетици уредби со кои ќе се обиде да ја регулира состојбата во државата. Некои од ваквите решенија скоро воопшто не се применија во пракса, туку само изиграа привремена партиска популистичка улога (како на пример најавите на Заев за кратење на платите за вработените во јавната администрација). Други пак се применија, а во нивното спроведување во пракса беа забележани недоследности и неправилности. Некои од мерките имаа и контра ефекти во реалноста, како што на пример беше одлуката за прогласување на полицискиот час во Општина Куманово донесена само неколку часа пред почетокот на забраната за движење, што создаде вистински хаос во градот пред самиот почеток на полицискиот час! Денес прилепските дуќанџии преку мирен собир изразија незадовоство од економските мерки на Владата. Велат дека овие мерки воопшто не им биле од корист и се уште се заканува затворање на околу 700 дуќанџии во градот. Претходно и занаетчиите упатија протестно писмо во кое посочуваат дека во мерките не е вклучен занаетчијата.

Во двата пакети на економски мерки кои Владата ги донесе за поддршка на стопанството, не беше предвидена поддршка за најслабите, како за земјоделците, дуќанџиите и занаетчиите.  Од самиот почеток на кризата, страдаа илјадници работници, имаше отпуштања во десетици фабрики, но ние сѐ уште не видовме ограничување или пак, конфискација на имотот на некои од газдите. Дополнително, најавата на Владата за одложување на банкарските кредити сепак испадна како дополнителен трошок за народот, а бенефит за банкарскиот сектор, поради тоа што банките сепак ќе можат да си наплаќаат камата за одложените месеци на каматите. 

Транспарентноста како политички мотив и партиска пропаганда – помошта на ЕУ    

Покрај позајмените пари, државата има на располагање и други средства. И во однос на овие средства функционерите, намерно или ненамерно, создадоа дополнителни забуни. На пример, министерката Ангеловска даде изјава во која спомнува “награда од ЕУ од 50 милиони евра”, а бројките во официјално соопштение се различни. Односно, се вели дека ЕУ ќе обезбеди помош “за покривање на итни потреби на јавните здравствени системи во вредност до 4 милиони евра”. Во суштина, дополнителните 62 милиони евра од оваа помош ќе бидат обезбедени од фондови кои ќе бидат пренасочени од постоечкиот ИПА Инструмент за претпристапна помош. За овие средства на владина седница беше усвоено дека Министерството за финансии ќе ги префрли на соодветни сметки кои ќе бидат наменети во функција на справување со кризата настаната како резултат на вирусот Ковид-19. Како дополнителен заклучок, Владата го задолжи Министерството за финансии да ги врати позајмените средства од Буџетот по завршување на кризата, односно, во рокот и согласно насоките кои ќе се добијат од Европската комисија.

Во целокупниот пристап кој Владата го има на настанатава ситуација, недостасуваат дефинирани фидбек механизми и начини за прибирање на резултатите од самите мерки, за да потоа истите можат да бидат евалуирани, односно можните грешки да се лоцираат пред да биде предоцна, а штетите преголеми.