Продолжува системското бришење на антифашизмот во Чаир
- Реакција на Левица-Чаир
Денес, функционери на ВРЕДИ, и тоа вицепремиерот и поранешен градоначалник на Чаир, Изет Меџити и сегашниот градоначалник на општината Висар Ганиу, го обелоденија преименувањето на булеварот ,,Христијан Тодоровски Карпош” во ,,Мајка Тереза.
За ситни политички поени и за продолжување на проектот на ДУИ за целосно бришење на антифашистичкото минато од оваа скопска општина, сега на ред дојде и овој булевар кој го поврзува северниот дел од градот до централното градско подрачје.
Претходно на овој тренд на преименување подлегнаа и улиците кои ги носеа имињата на чаирски народни херои како Цветан Димов, како улицата Втора македонска ударна бригада преименувана во Адем Демачи и паркот на НОБ кој стана Парк Украина во кој сега стои и биста на некогашниот американски претседател Вудро Вилсон, меѓу другите.
Исцртувањето на етнички линии и ,,беирутизација” на Скопје се соништа на политичката елита од албанските партии, за да се подели државата како политички плен и да се зголеми мизеријата на обичните луѓе. За овој план е потребно бришење на спомениците на антифашизмот, цел кон која и оваа Влада на ДПМНЕ, ЗНАМ и ВРЕДИ брза.