Еколошката криза е политичка криза
Со секој изминат ден, извештаите за глобалните климатски промени стануваат сè помрачни. Неодамнешните истражувања потврдија дека глечерите се топат побрзо од очекуваното и дека ацидификацијата, со нејзиниот катастрофален ефект врз океанските еко – системи исто така, продолжува побрзо отколку што се плашевме. Со оглед на тоа што концентрацијата на атмосферскиот јаглерод продолжува да расте, голема е веројатноста дека сме ја поминале клучната точка што води кон неповратни климатски промени.
Ако се разгледаат и другите критични еко – системи, опасноста е подеднакво очигледна. Почвата е уништена, недостигот на вода е главен проблем на неколку континенти – при што милијарди луѓе се оставени без безбеден пристап до чиста вода за пиење – океаните се затнати со пластичен отпад и биолошката разновидност секојдневно исчезнува со алармантна стапка. Имајќи ги во предвид еколошките последици кои ги нападнаа сите природни системи без исклучок, голем број научници веќе тврдат дека колапсот на цивилизацијата сега е неизбежен.
Стопирање на деструктивните ефекти кои ги предизвикува индустриската, капиталистичка цивилизација стана дефинитивен предизвик на нашето време. Ако во наредните 30 години не го промениме радикално курсот на нашето општество, тогаш незибежно ни следува длабок колапс и долготрајна мрачна ера. За да се соочиме со овој предизвик, потребно е да разбереме точно кои фактори ја предизвикуваат кризата на цивилизацијата, и она што е најважно, како можеме да ја решиме кризата. Од решавањето на ова прашање зависи нашата иднина и иднината на нашата планета.
Петмината јавачи на модерната апокалипса
Во мојата книга “Радикална трансформација: олигархија, колапс и криза на цивилизацијата“, подетално објаснувам како колапсот на индустриската цивилизација е поттикнат од страна на пет клучни сили, поврзани со погубната дисфункционалност помеѓу нивните еколошки, економски, социо-културни и политички подсистеми:
1. Дисоцијација: глобализираните системи за производство и дистрибуција ги спречуваат луѓето да ги позиционираат своите активности и активностите на елитите во една кохерентнo причинска и етичка рамка. Поради тоа, активностите на поединците, на институциите и на владеjачките елити се исклучени од нивниот ефект кој го предизвикуваат врз природниот свет или врз другите народи. Без овој критичен фидбек, дури и најдобронамерните поединци не се во можност да донесат рационални и етички одлуки за тоа како да се однесуваат.
2. Комплексност: глобално распространетата природа на индустриската, капиталистичка цивилизација (заедно со огромниот број на меѓусебни односи кои ја сочинуваат ваквата природа) прават речиси невозможно да се предвиди какви ефекти предизвикуваат промените врз целиот систем. Tочките на вриење, кои неизбежно водат кон катастрофа, демнеат во повеќе системи од цивилизацијата – од еколошкиот колапс на океаните до заканата од нуклеарна војна. Поради тоа, бидејќи кризата на цивилизацијата не се задржува само во еден сегмент од светот, дисфункциите на системот не можат да бидат решени преку изолирани активности.
3. Стратификација: огромната нееднаква распределба на богатството – и глобално и во рамки на нациите – доведува до високи стапки на сиромаштија масовно распространета и до намалување на животниот век поради болести и континуирани војни. Стратификацијата исто така води кон политичка нестабилност, преку еродирање на социјалната кохезија во системот и поткопување на структурите кои се главни чинители во процесите на донесување одлуки.
4. Надминување на лимитите: економските практики на индустрискиот капитализам ги надминува еколошките лимити. Нашата цивилизација ја деградира биосферата до критичен степен, со агресивно прегорување на необновливите извори на енергија што води кон менување на целиот климатски баланс.
5. Олигархија: во државите ширум светот, процесот на донесување политички одлуки е контролиран од мал број на екстремно богати поединци. Ваквата форма на влада формира затворен круг составен од конфликти, репресија и уништување на животната средина кој не може да биде решен.
Општествата како системи за донесување одлуки
Секој од горенаведените јавачи на апокалипсата претставува значајна закана за опстанокот на цивилизацијата. Сепак, олигархијата е од особено значење, бидејќи директно влијае врз општествените системи за донесување одлуки. Во книгата „Collapse: How Societies choose to fail or to succeed”, географот Џаред Дајмонд објаснува како голем број минати цивилизации биле уништени токму поради нивната неможност да донесат правилни одлуки кога биле соочени со егзистенцијални закани. Дајмонд се повикува на работата на археологот Џозеф Тајнтер, кој во својата книга “Collapse of Complex Societies” од 1998 година објаснува како цивилизациите пропаднале поради констелација на фактори.
Според Тајнтер, клучната грешка на пропаднатите цивилизации се состоела во постојаното решавање на проблемите со зголемување на нивната комплексност, што резултирало со зголемување на потребите за општествена енергија. На крајот, Тајнтер тврди дека цивилизациите наидуваат на “термодинамичка криза”, при што тие не се во состојба да го одржат интензивното енергетско ниво и неговата комплексност. Резултатот е колапс – еколошка катастрофа, политички пресврт и масовно истребување на човековата популација.
Тенденцијата на општествата да пропаѓаат при прекумерни потреби за енергија е од особена важност. Сепак, она што Тајнтер и Дијамант не успеале да го увидат е тоа дека олигархијата претставува уште пофундементална причина за цивилизацискиот колапс.
Олигархиската контрола ја компромитира способноста на општеството да носи правилни одлуки кога е соочено со егзистенцијални закани. Ова ja објаснува навидум парадоксалната ситуација при која минатите цивилизации – и покрај тоа што ги поседувале културните и технолошките знаења потребни за решавање на нивните кризи – сепак биле осудени на пропаст. Проблемот не се состоел во тоа дали изминатите цивилизации го знаеле изворот на заканата или потребниот метод за да ја спречат таа закана. Проблемот бил во фактот на тоа дека општествените елити имаат корист од дисфункционалностите на системот и токму поради тоа, тие ги спречуваат потребните решенија.
Олигархиската контрола во “демократските” држави
Граѓаните кои живеат во земји како што се Канада, САД, Австралија или членките на Евро-зоната, генерално сметаат дека живеат во демократски општества. Но, доколку критички се анализираат политичките системи на западните демократии, се појавуваат јасни и продорни знаци на олигархија.
Студија изработена од американските политички научници Мартин Гиленс и Бенџамин Пејџ во 2014 година, откри дека огромен број на политички одлуки донесени во САД ги одразуваат интересите на елитите. По проучувањето на речиси 1.800 политички одлуки донесени помеѓу 1981 и 2002 година, истражувачите утврдиле дека “и индивидуалните економски елити и организираните групи на интерес (вклучувајќи ги тука и корпорациите, кои во голема мера се во сопственост и контролирани од богати елити) се од суштинско значење при креирањето на јавните политики, додека пошироката јавност има малку или речиси никакво влијание “.
Олигархиската контрола врз процесот на донесување одлуки и предизвиканите катастрофални еколошки ефекти никогаш не биле повидливи. Во САД, Доналд Трамп и неговиот кабинет (доминантно составен од милијардери) се обидуваат да ја распуштат Агенцијата за заштита на животната средина, дa ја преиспитаат науката за климатските промени и да ја продолжат политиката на “американска енергетска доминација”, која драматично ќе го зголеми производството на фосилни горива.
Американските компании за енергија исто така, имаат големо влијание врз домашната енергетска политика преку забрзувањето на развитокот на тешко пристапни фосилни горива со хидраулично расцепкување, бушење за нафта во длабоките мориња и копање јаглен со отстранување и уништување хектари планини . Во исто време, олигарсите од бизнисот со фосилни горива интензивно се обидуваат да ги уништат иницијативите за зелена енергија, како што е војната на браќата Кох со соларната индустрија во Флорида и во други градови низ континентот
Во Канада, држава која често се смета за попрогресивна од својот јужен сосед, ситуацијата не е многу поразлична. Под двата мандата на премиерот Стивен Харпер, канадската држава стана бесрамен поттикнувач на процесите за екстракција на едно од најтешките масла во светот – катранот. Харпер го зголеми производството на катран, што доведе до сечење на илјадници хектари бореална шума, пренасочување на милиони литри слатководни води и создавање километарски токсични базени од рударски остатоци, наполнети со контаминирана вода од процесот на екстракција на катран.
Како и администрацијата на Трамп, и владата на Харпер ги замолкна државните научници за климата. Канадската влада исто така ги таргетираше еколошките добротворни организации и непрофитните организации, преку кратење на финансии и закани од ревизии, со цел да го поткопа агитирањето за климата. Кога револтот на народот го симна Харпер од власт во 2015 година, Канаѓаните се надеваа дека климатските промени повторно ќе бидат сфатат сериозно. Меѓутоа, новата влада на Џастин Трудо иако го прифати светското мислење за глобалното затоплување, сепак го продолжи партнерството со олигархијата на фосилни горива со трошењето над 7 милијарди буџетски долари за купување на нафтоводот Киндер-Морган Транс.
Што треба да се направи?
За да создадеме одржлива иднина, прво мораме да ги научиме лекциите од минатото. Тоа што археолошките истражувања го покажуваат е дека низ цела историја цивилизациите кои биле заробени од интересите на олигархиска елита, доживеале колапс. Денешната индустриска, капиталистичка цивилизација е заробена во овој ист смртоносен циклус.
Се додека елитите (мотивирани од сопствените интереси) го контролираат процесот на донесување одлуки во модерните држави, ќе биде премногу доцна за да ги избегнеме последиците од постојаното намалување на еколошките граници. Покрај тоа, ние нема да бидеме во можност да ја спречиме надолната спирала на економската криза, конфликтот и војувањето – што ќе резултира со олигарси кои се борат да го зачуваат сопственото богатство и моќ во услови на смалување на ресурсите и растење на кризата.
За напуштање на овој деструктивен модел потребно е да ја приграбиме политичката и економската моќ од највисокиот слој од еден процент и да ја вратиме истата во рацете на граѓаните. Ова значи дека застапниците за еколошка одржливост мора значително да се поместат од индивидуалните активности, лобирањето или реформата на постојните политички и економски институции. Ние мора да се избориме владите да донесуваат одлуки врз основа на јавното добро, а не врз основа на приватен профит.
Постигнување на радикална трансформација на индустриската, капиталистичка цивилизација нема да биде лесно. За тоа да се постигне, потребно е движењата за одржливост на животната средина, за социјална правда и за економска праведност да се соединат заедно и да го реализираат нивниот заеднички интерес содржан во укинување на постојниот систем на олигархија и градење на демократско, еко-социјалистичко општество. Ова “движење од движења” мора да ги остави настрана секташките недоразбирања и конечно да сфати дека целите за економска правда, човековите права и еколошката одржливост се суштински поврзани.
Ваквите промени може да изгледаат тешко достижни, но постои надеж во засилената борба што се води за заштита на нашите кревки еко-системи. Домородните групи ја водат оваа битка и веќе почнуваат да освојуваат неколку важни победи. Инспиративните заштитници на водата од индијанскиот резерват „Standing Rock” успеаја да го спречат проектот за гасовод низ Дакота во услови на силни владини притисоци. Во Канада, неколку домородни групи во Британска Колумбија неодамна освоија импресивна победа на суд против нафтоводот „Trans Mountain”.
Доколку успешните грасрут борби успеат да се поврзат со подеднакво инспиративни движења за вистински политички промени, тогаш постои надеж за иднината. Меѓутоа, ако продолжиме со резонирањето кое ја продлабочува статус-кво ситуацијата – надевајќи се дека промените ќе дојдат од поединечен, изолиран начин на живеење или од униформираните претставници на елитните политички партии, тогаш иднината изгледа навистина мрачна.