Претседателот на Собранието избран од ДПМНЕ вели дека Косово е негова татковина

Новиот претседател на Собранието Африм Гаши, избран со гласовите на пратениците од новото владејачко мнозинство предводено од ДПМНЕ, во интервју за „РТК“ изјави дека Косово е негова татковина и дека ги следи процесите кај нашиот „северен сосед“.

Во емисијата тој зборувал за историјата на неговото семејство кое во 50-тите години на минатиот век се преселило од Качаник во Скопје.

„Во 50-тите години на минатиот век дедо ми работеше во Скопје, а поради техничките причини на тогашниот отежнат превоз купил мал дом во центарот на Скопје и семејството го однел овде, но по земјотресот се вратиле во родниот град. ЗА кратко време, потоа се вратија во Скопје и оттогаш дедо ми, вујковците и тетките живеат во Скопје. Јас сум роден во Скопје, а моите двајца братучеди продолжија да живеат во Качаник“, рекол Гаши.

Според неговите зборови, „луѓето родени по деведесеттите не можат да го разберат ова, но за мене Косово е мојата татковина, местото каде се родени моите родители и сочувствувам со се што се случува во Косово“.