Над Македонија кружат три бауци: Да бидеш Македонка, жена и левичарка
Каков симболичен 8 Март! Покрај празничниот ден, денес го заокруживме процесот на собирање потписи! (Патем, од срце им благодарам на оние кои од пат вечерва побрзале да дадат потпис, а списоците биле подигнати! И им се извинувам, ама се надевам ќе разберат. Времето за гласање доаѓа скоро.)
Имавме одлична, сериозна и содржајна дебата за улогата на жените во политиката, низ призма на едно емпириско истражување. Ме стави во мисла. И на крајот го одржав мојот прв слободен говор на јавна сцена, инспирирана од тоа што го чув. Јас растена и формирана како целосно еманципирана личност, која и не мислела на родот во политиката или академската заедница – сега ја почнуваме борбата повторно за да новите генерации и жени и мажи дознаат што е човечка еманципација.
Накусо, пораката ми беше дека денес над Македонија кружат три бауци: да бидеш Македонец/Македонка, да бидеш жена (Ванковска) и да бидеш левичар/ка! Колку апсурдно време е ова, колку тешко и за разбирање и за живеење.
Мојата улога во наредниот период е јасна: да покажам дека немам никаков хендикеп во однос на мажите противкандидати, да го продолжам патот на македонската жена и кон врвовите, и конечно – да бидам левичарка во капиталистичко, патријархално и милитаризирано општество која ќе внесе сосема ново гледање на нештата!