АктуелноИнтернационално

Одржана итна седница на Советот за безбедност на ОН: Нестабилноста на Косово

Сликата е од јужниот дел на регионот Митровица каде се наоѓа мнозинско население од албанска етничка припадност, после одлуката на Приштина за формирање на вооружени косовски сили.

Откако Приштина пред неколку дена и официјално преку Парламентот ја потврди намерата за формирање вооружени сили на Косово, веднаш после ваквата одлука по иницијатива на Србија вчера се одржа вонредна седница на Советот за безбедност на ОН каде главна тема беше токму ваквите случувања на Косово.

На седницата беше истакнато дека оваа еднострана намера на Приштина претставува кршење на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност за Косово. Покрај тоа, ваквиот потег беше оценат како потенцијална опасност од загрозување на мирот и стабилноста на (и така) сензитивниот регион.

Своеглавата намера на Приштина да формира вооружени сили не помина добро дури ни кај вообичаените поддржувачи на Косово, што беше евидентно во изјавите на дипломатите од врвот на ЕУ и НАТО. Генералниот секретар на НАТО Столтенберг, одлуката ја оквалификува како „лошо темпирана“ и воедно се пожали поради тоа што косовските власти ја игнорираат „загриженоста изразена од НАТО“. Главниот дипломат на ЕУ, Могерини пак преку соопштение ги повтори загрижувачките случувања, истакнувајки дека мандатот на косовските сили „треба да се менува само преку инклузивен и постепен процес”.

Единствена страна која отворено го поздрави контроверзниот потег на Косово беше САД, со својот амбасадор во Косово Филип Коснет, велејќи дека Вашингтон “ја потврдува својата поддршка”, истакнувајки дека оформувањето на полноправна армија е “природно за Косово како „суверена, независна земја”.     

Рускиот амбасадор во Обединетите нации Василиј Небензија, изјави дека формирање на косовската армија претставува кршење на Резолуцијата на Советот за безбедност за Косово, и во таа насока истакна дека резолуцијата на ОН во никој случај не дозволува формирање на воени сили од страна на косовските албанци во регионот. Тој ги повика западните земји како и припадниците на меѓународните мировни сили (КФОР) предводени од НАТО, да го осудат прекршувањето на Резолуцијата од страна на Приштина.

Освен со овој потег, Косово предизвика провокации и превирања во регинот уште во ноември воведувајки 100-процентна увозна тарифа за стоки за Србија и БИХ, пркосејќи на повиците на САД и ЕУ за одвраќање од оваа мерка.