Викиликс: Димитров пренесувал државни тајни на САД

Деновиве Викиликс објави пресретната комуникација од 2008 година помеѓу оперативец на ЦИА и тогашниот амбасадор на САД во Македонија, Филип Рикер, кој во моментов е назначен за надгледувач на операцијата за промена на името.

Сегашниот министер за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров се води како „заштитен“ извор на американската амбасада два пати во 2008 година, откако обезбедил информации за грчко-македонскиот спор за името и НАТО и ЕУ интеграциите“, пишува Викиликс.

Во тајниот извештај од 2008 година до Стејт Департментот на САД, тогашниот амбасадор Рикер бара заштита за неговиот „крт“ во Македонската влада – Никола Димитров.

Во документот објавен на сајтот на Викиликс, може да се види комуникацијата помеѓу Рикер и Стејт Департментот, во кој се објаснуваат активностите во врска со преговорите за името, додека Димитров беше главен преговарач.

Рикер го информира Стејт Департментот дека преговорите закочиле во моментот кога Бранко Црвенковски како претседател и Никола Груевски како премиер не можеле да ги надминат разликите во врска со предлогот на Нимиц, кој гласел „земи или остави“. Груевски се противел, додека Црвенковски сметал дека треба да се прифати.

Информацијата за несогласувањата во државниот врв на Македонија, помеѓу претседателот и премиерот се чувала во најголема тајност, но како што стои во извештајот на Рикер, Никола Димитров кој имал пристап до ваков вид на информации го информирал американскиот амбасадор за несогласувањата. Рикер пак, тоа го ставил во извештај испратен до Стејт Департментот, со замолување да биде заштитен идентитетот на информаторот – Никола Димитров.

Димитров продолжил да го информира Рикер за текот на преговорите, па во тајност му кажал дека Милошоски го одбил предлогот на Нимиц, уште пред да биде соопштена јавно одлуката на владата на Р. Македонија, што им дало доволно време на Стејт Департментот да изготват нова стратегија уште пред јавното отфрлање на предлогот. Освен за владата во Македонија, Димитров ја шпионирал и грчката страна, поточно тогашната МНР на Грција Дора Бакојани, која исто така во тајност преговарала со Нимиц, но до овие информации пристап имале преговарачите.

Иако во огромен дел од медиумите не беше објавена оваа информација, на социјалните мрежи веста ја разбранува јавноста, со тврдења дека актуелниот министер нанел штета на државата преку шпионирање и оддавање на строго заштитени државни тајни на американските служби, односно на ЦИА.

Димитар Апасиев, по објавата на тајните информации, на својот фејсбук профил побара оставка од министерот за надворешни работи.

Додека сѐ уште нема одговор од Основното Јавно обвинителство дали министерот треба да понесе одговорност, односно дали постои правна основа за отварање предмет против актуелниот министерот, на својот фејсбук профил се јави министерот Димитров. Во својата објава Димитров не само што не ги демантира информациите пласирани од страна на Викиликс, туку истите ги потврди велејќи дека се работело за нормална комуникација со американските служби?!  

На крај, и покрај тоа што во својата објава министерот не пропушти дури и да го обвини Викиликс дека изнесените информации биле „обид да се наштети на договорот од Преспа” сепак нема објаснување поради кои причини тој изнесувал информации кои се сметаат за државна тајна и кои преговарачите морале да ги чуваат во најстрога тајност, вклучувајќи ја и грчката страна.