НР Кина ја поддржува палестинската борба за државност
Претседателот на палестинската управа Махмуд Абас неодамна беше во тридневна посета на НР Кина.
Абас е во посета на Пекинг откако Кина неодамна беше домаќин на разговорите меѓу ИР Иран и Саудиска Арабија, што доведе до обновување на дипломатските односи меѓу двата ривали од Блискиот Исток и ја зајакна нејзината позиција во регионот.
Зближувањето меѓу Ријад и Техеран се смета за дипломатска победа за официјален Пекинг во време кога земјите од Персискиот залив сметаат дека САД се повлекуваат од поширокиот регион.
Палестинскиот лидер Махмуд Абас беше пречекан со целосни воени почести во Големата сала на народот во Пекинг.
Претседателот Си Џинпинг изјави дека Кина ја поддржува палестинската борба за државност.
Си го почна состанокот со зборовите „Ние сме добри пријатели и партнери, ние секогаш цврсто ја поддржувавме праведната кауза на палестинскиот народ да ги врати своите легитимни национални права“.
Си додаде дека Кина има се поголема улога на Блискиот Исток за да го отстрани влијанието на Соединетите Држави од таму, и дека се обидува да ги олесни израелско-палестинските мировни преговори.
Решението за израелско-палестинскиот конфликт лежи во формирањето на „независна палестинска држава заснована на границите од 1967 година со источен Ерусалим како главен град“, рече Си Џинпинг, – повторувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на ООН од 1967 година која Израел со децении ја отфрла.
Абас рече дека неговата администрација „се радува на зајакнување на соработката со Кина“ и обезбедувањето на инвестиции.
„Посебно ја цениме посветеноста на кинеската страна за финансирање на голем број развојни проекти презентирани од Палестина. Посакуваме брзо испраќање на технички делегации за спроведување на овие проекти“.