Денес во Крнов,Чешка беше отворена изложбата „Истребување на Македонците“ – 75 години од егзодусот во Егејска Македонија

По повод денешниот меѓународен ден на бегалците од денеска до 2 август отворена е изложбата во организација на македонските заедници од Чешка и Полска во одбележување на 75 годишнината од прогонот на македонските деца од Егејскиот дел на Македонија.

На границата меѓу Чешка и Полска, во барокниот замок Линхартови и градот Крнов е поставена изложба од Георги Дуртаноски која вклучува уметничка инсталација на отворено со 20.000 црвени стапалки кои ги симболизираат крвавите стапалки на децата прогонети од своите домови во Егејска Македонија со испишано име и презиме на секое протерано дете заедно со името на неговото родно место со македонски топоним.

Уметничкиот перформанс на Георги Дуртаноски насловен Interitus Macedonum („Истребување на Македонците„) вклучува и изложба на фотографии и предмети кои го опишуваат тешкиот пат на децата-бегалци во непознат и неизвесен правец, некои од нив згрижени и преместувани дури во детски домови во три или четири држави. Во изложбените витрини се сместени лични предмети на македонските бегалци како клучеви од нивните домови во кои никогаш не се вратија, торби за леб, ѓумчиња за вода, камчиња од нивните куќи/цркви во кои биле родени или биле крстен, капсули со вода од македонските реки во Егејска Македонија и многу други предмети кои автентично го отсликуваат нивниот живот од тој период.

Носечки елемент на овој дел од изложбата е „метлата за етничко чистење на Македонците од кралицата Фредерика“ претставена со црвена метла овенчана со круна и хемиската формула на напалм-бомбите.

Изложбата ја отворија градоначалничката на градот Албрехтице Јана Мурова и Димитри Кирјаковски, истакнат македонски деец од Костур кој во 1948 година на пртгодишна возраст најпрво бил згрижен во детските домови во Полска и подоцна во Чешка.

На фернисажот беше прикажан и филмот „Македонец„ со лично присуство на режисерот Петро Алексовски – син на Мито Алексовски кому е посветен овој документарен филм, како и други документарни филмови од архивите на националните телевизии на Чешка, Унгарија, Романија, Франција…

„Фокусот на оваа изложба е годината 1948 и евакуацијата на децата која започнала пролетта и траела до крајот на истата година (1948) како последица на воената операцијата „Коронис“ и напалм бомбите со што Егејска Македонија беше претворена во пепел.

Оваа изложба ја обработува траумата, страдањето и лузните на децата во нивните „нови„ татковини, истакна Димитар Кирјаковски, куратор на изложбата и сведок на тие настани.

Замокот Линхартови е избран да биде домаќин на овој настан бидејќи неговата судбина е како нашата поделена Македонија: објектот (замокот) се наоѓа на чешка територија, а имотот/дворот се наоѓа на полска територија. Тој е неколку пати разурнуван и опожаруван и секогаш повторно се отвора со својата убавина и декор. Овојпат замокот е украсен со македонското сонце.

Во градот Крнов пак, во 1948 и 1949 според статистиката беа сместени најголем број на македонски деца од вкупниот број кои ја напуштиле својата родна земја.