АктуелноИнтернационално

Земјите кои не прифаќаат мигранти ќе мора да платат 20.000 евра по лице

На состанокот на министрите за внатрешни работи на земјите членки на Европската унија во Луксембург, по интензивни преговори, беше постигнат договор земјите кои не прифаќаат да примат толкав број мигранти колку што е предвидено во квотите, да треба да платат 20.000 евра по лице.

На средбата отворено против новиот договор за миграција и азил се изјаснија претставниците на Полска и Унгарија, кои остро протестираа поради предложениот паричен надоместок што ќе треба да се плати врз основа на предлогот на шведското претседателство со ЕУ.

Новиот закон за миграција ќе треба да го одобри Европскиот парламент во текот на втората половина од годината.

Многумина сметаат дека е можен сеопфатен договор до крајот на годината, бидејќи Шпанија како претседавач со ЕУ од јули ќе биде многу мотивирана да го реши проблемот.

Новиот механизам предвидува воспоставување на принципи на одговорност за таканаречените земји на фронтот (Италија, Шпанија, Грција, Малта, Кипар), кои треба поефективно да ги контролираат надворешните граници на ЕУ.

Земјите од таканаречената втора линија се обврзуваат на форма на „флексибилна солидарност“, односно или ќе прифатат баратели на азил на нивната територија или ќе плаќаат компензација на земјите домаќини, или ќе финансираат објекти за прием или пак ќе придонесуваат финансиски за инфраструктурни проекти во земјите на потекло на бегалците.

ЕУ прифати 996.000 барања за азил во 2022 година, што е значително зголемување во споредба со 632.000 во 2021 година.