АктуелноИнтернационалноЛокално

Приватизација – победата на фашизмот во Македонија

Во 1945 година со поразот на Третиот Рајх заврши успешно борбата против фашизмот во Македонија. Барем привремено.

Прв пат зборот „приватизација“ се споменува од страна на американското економско списание „Економист“ (The Economist) како кованица која ги опишува економските политики на Нацистичката Партија во Германија. Потребата да се создаде овој нов збор лежи во фактот дека овие економски политики се, дотогаш, без преседан. Со Големата Депресија (светската економска криза од 1929 година) се зголемува национализацијата на клучни сектори на економијата, како и јавни услуги од општа важност, во скоро сите капиталистички земји. По ова прашање Вајмарската Република (Германија) не е исклучок. Се ова се менува кога Канцелар на Германија станува Адолф Хитлер.

Иако во својата реторика тие вметнуваат мотиви кои се навидум анти – капиталистички, Нацистичката Партија е уште од самиот почеток во политички сојуз со капиталистичката и аристократската класа. По самото доаѓање на власт, фашистите приватизираат железници, рудници и производство на челик, банкарство, бродоградство, прекуокеански трговски компании, локални јавни добра (дистрибуција на струја, водовод и канализација, комунална хигиена, јавен транспорт), делови од јавната администрација и социјалната помош и така натаму.

Столбот на секое општество е економијата. Со политичките и економските кризи во Германија по Големата Депресија владејачката либерална политика се повеќе губи и на моќ и на популарност. Општеството се повеќе се поларизира. Во тој момент владејачката класа е спремна да направи било што за да ги зачува своите политики. Па, се врти кон фашизмот како решение. Примарната цел на Нацистичката Партија (како и на другите фашистички партии) е одржување на капиталистичката власт – по секоја цена. Иста цел имаат и социјал – демократските партии. Разликата се состои се разбира, во методите. Додека социјал – демократијата го задржува „мирот во куќата“ со привидни олабавувања на стегите и по некое зголемување на работничките права фашизмот, како поекстремна опција, оперира со национални митови, целосна контрола на сите аспекти на живеење и отворена репресија. Георги Димитров ќе каже „Фашизмот е само најотворената и најбрутална форма на диктатурата на финансискиот капитал“. Додека, социјал – демократските методи се далеку поумерени и позатскриени.

Со приватизацијата од страна на македонските социјал – демократи, иако многу подоцна од што би сакале, успеаа плановите на фашистите во Македонија. Пазарот се отвори за странско влијание и денес огромни претпријатија се во странска сопственост, па и во германска. Германските капиталисти ја добија битката. Барем привремено.