Приказни од здравството

Во Македонија е полесно како гласач да голташ „анализи“ како било подобро ако сме влезени во НАТО и ЕУ отколку да завршиш работа низ лавиринтите во здравството. Повремено и министерот за здравство ќе не’ удостои со некоја „досетка“ на социјалните мрежи и ни продава приказни како здравството ќе се препородело откако ќе сме влезеле во НАТО и ЕУ, но вистината е друга и сурова.

Лажната надеж за здравството

Што да помислам кога министерот изјави парафразирам – ЕУ ќе ни го гарантира квалитетот на вакцините… Имено во јавноста излезе една информација за проблем кој ни НАТО, а ни ЕУ нема да ни го решат, а тоа е дека 30 лекари од примарно здравство ќе заминат во пензија и околу 60 000 граѓани ќе останат без матичен лекар, а знаете ли зошто? Проблемот нема да се реши со влез во ЕУ и НАТО, бидејќи нема да се доселат во Северна Македонија здравствени лица од други европски земји, посебно не од Норвешка, Финска, Шведска и Германија за да работат за плата од 12 000 ден. до плата од околу 120 000ден. според некои најави. За да ги дополниме грижите на Здружението на приватни лекари кои реагираа со оваа информација ќе дополнам и дека слична ситуација има и во секундарното здравство. Така за 5 години може слободно да распишете и тендер за заштитни решетки и врати од ковано железо кои би ги поставиле на голем број болнички врати и прозорци бидејќи според бројот на медицински персонал што ќе го имаат, својата медицинска дејност  ќе може да ја сведат на амбулантска дејност и цели одделенија ќе се затвораат. Кадрите што допрва ги создаваме ќе продолжат да си заминуваат! Во изјавите на министерот за здравство отсуствува визија дека здравството ќе биде подобро бидејќи истата не постои. Нема можност состојбите во здравството да се подобрат без радикална промена на здравствениот систем. Со т.н. приватизација на здравството се роди хибриден систем со нејасна граница на надлежности, права и обврски на инволвираните страни, систем кој сакаше да ги проектира економските начела на неолибералниот капитализам во здравството и систем кој си го поткопува своето постоење како и во секоја друга сфера во една (сурово) капиталистичка земја како Македонија. Тоа е жалната слика која ја живееме. Моменталната Влада судејќи според чекорите кои ги нудеше министерот Филипче (доколку ги спроведе најавите во здравството за дополнителна приватизација под закрила на еуфемизмите како јавно – приватно партнерство) покажуваат дека владата не е левичарска како што се прикажува и дека дополнително  би ја искомплицирала и така комплицираната ситуација во здравството.

Економскиот парадокс

Проблемот за платите на здравствените работници е излезен како од книга која го велича моменталниов капиталистички систем. Изгледа дојде моментот на „одмазда“ на здравствените работници во приказната за понуда и побарувачка. Микро-државата која беше градена зад затворени врати и често зад флоскулите како „западни реформи“, „транзиција“ од про неолибералните политички елити 30 години, сега почна да им се удира од глава на последниве елити.  Владата, Министерството за здравство, министерот и советниците немаат решение бидејќи пробуваат да излечат економско – политички систем за кој нема лек. Истиве за време на „реформите“ почнаа да измислуваат разни финти за да можат да бегаат од обврската за јавен здравствен сервис, а на крајот кулминација се постигна преку разни учиноци во здравството изразени преку број на пациенти што се лекуваат кај даден лекар, број на прегледани пациенти во текот на денот,  популистички цени на позитивната листа на лекови во Македонија итн. Во Македонија моментално, не може да се понудат „конкурентни“ плати (како што милуваат да се изразуваат неолибералните пропагатори) од 5000-8000 евра за здравствените работници – специјалисти да престанат да се иселуваат. Истото важи и за средно – медицинскиот кадар и за општите лекари,фармацевти и стоматолози. Од овој аспект не може истите да бидат спречени да заминат ако решиле да земаат толку голема плата. Ама може да им се понудат подобри плати кои ќе соодветстуваат на трудот кој го вложиле во нивното образование, на благородноста на работата која ја вршат и на квалитетот на живот кој би го имале воопштено во земјата на живеење преку нудење на други сервиси, се разбира соодветно на општата состојба и стандардот во земјата. Може да им се понуди сигурност и враќање на згазениот дигнитет кој го немаат поради партиските директорчиња кои од петни жили ги замолчуваа вработените како и одделенските началници и други делегирани функции кои можат да ги подобрат организациски установите, ама за жал често служеа и за партиски препукувања. Може да им се понуди иднина која ќе е прекрасна и без ЕУ, а посебно без НАТО.

Така во преден план можеше да оди даночната реформа, па и за здравствените работници можеби ќе дојдеше и ЕУ и НАТО уште пред референдумов. Исто ЕУ и НАТО може да дојдат порано и за текстилните работници/чки кои сега работат за минималец, се разбира ако се донесе Закон за минимална плата ама што ќе изнесува 500 евра (според сумата на т.н. потрошувачка кошничка од ДЗС) и без финти за нормирани учиноци.

Ама закони кои не одат во прилог на богатите елити некако тешко поминуваат, скоро и да не поминуваат. Оттука е прашањето – како да им веруваме на СДС, ДУИ и другите политички партии кои влезот во НАТО го имаат највисоко во нивната партиска агенда и кажуваат дека со влез во НАТО ќе имаме бенефит?! Јас колку што знам НАТО не ни ги пишува законите дома!

Приказната за моралот и капитализмот

Пред да пробаме да влегуваме во ЕУ и НАТО, прво треба да се соочиме со една вистина која ги тера луѓето да се иселуваат на секој можен начин од земјава. Таа вистина е дека во капитализмот не испливаа најгоре најквалитетните, најдобрите туку оние кои газеа и преку живи и преку мртви.

Од една страна го имате Заев, милионерот „левичар“, кој беше амнестиран од претседателот на државата (за оние со кратка меморија), го имате Никола Груевски новиот доктор на науки, ги имате рамковните вработувања кои даваат предност на етничката припадност отколку на квалитетот, ги имате партиските вработувања, ги имате многуте бизнисмени и претприемачи кои се богатат на трудот на работниците кои работат за ниски плати и ги имате здравствените работници од кои некои учеле и 20 години од животот  и нема да летуваат на Бали со сигурност бидејќи мора да дежураат, а нема кој да ги замени на работа.

Ова е универзалната вистина која ги тера луѓето да заминат. Рудниците на смртта, сечата на Водно и продолжување на истиот начин на силеџиско владеење (а не управување до завршување на мандатот) нема да се променат со влез во НАТО и ЕУ. За да ги нема овие проблеми треба да се промени Владата!

Автор: Дамјан Божиноски, член на Централниот Комитет на Левица