АктуелноИнтернационално

САД: Интеграцијата на Шведска и Финска во НАТО не е билатерално прашање

Пристапот на Турција кон процесот на пристапување во НАТО на Шведска и Финска не е билатерално прашање меѓу Вашингтон и Анкара, соопшти во петокот американскиот Стејт департмент, но додаде дека Вашингтон разговара со Анкара и дека останува уверен дека спорот би бил надминат.

Турција ги изненади сојузниците на НАТО минатата недела со ветото кон Шведска, притискајќи ја Шведска да ја прекине поддршката за курдските милитанти кои ги смета за дел од терористичка група. Турција уште побара и Шведска и Финска да ги укинат нивните забрани за продажба на оружје кон Турција.

„Прашањето за пристапот на Турција кон пристапувањето на Финска и Шведска во НАТО, тоа не е билатерално прашање меѓу САД и Турција“, рече портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс во телефонскиот брифинг.

Неговите коментари се слични на оние на американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан, кој во четвртокот им рече на новинарите: „ова не е американско прашање“, но додаде дека Вашингтон сака да го види решено и дека е подготвен да преземе акција за да даде поддршка.

И останатите лидери на колективниот Запад изразија уверување дека приговорите на Анкара нема да бидат блокада на патот за процесот на пристапување на нордиските земји во НАТО, без да наведат како ќе ја натерат Анкара да ги промени позициите.

Од ваквите изјави на лидерите на САД и ЕУ неможе а да не се забележат двојните аршини кога се однесува на нивниот пристап кон прашањето на Македонија за спорот со Грција (интеграција во НАТО) и спорот со Бугарија (интеграција во ЕУ). Имено, за сите овие спорови, иако Македонија претендираше на членство во меѓународни организации, сепак беше блокирана (и сеуште е на патот кон ЕУ), токму поради билатералните спорови со Грција, за НАТО и сега со Бугарија за ЕУ. Истите овие лидери на колективниот Запад, никогаш не сме ги слушнале да дадат ваква изјава, односно да завземат позиција дека билатералните спорови на Македонија со Грција и Бугарија не треба да претставуваат пречка за интеграција во меѓународните институции на Македонија.