Зошто Револуционерната организација станала „опасен враг“ за Бугарија
- Извадок од книгата „Гоце Делчев во колективната меморија на македонскиот народ“ – Издавач: Социјалистичка партија на Македонија, Проф. д-р Јован Лазарев
Во јануари 1897 година Делчев веќе бил во Бугарија. Како задграничен претставник тој раководел со пограничните пунктови, извршил инспекција на пунктот во Ќустендил, одржувал врски со македонските емигрантски друштва за добивање материјални средства и поединци – кадри за македонското ослободително дело, организирал набавување на оружје, муниција и експлозиви, и нивно пренесување, односно преминување во Македонија преку тајните канали.
На барање од Делчев Централниот комитет го ополномоштил Ѓорче Петров за втор задграничен претставик во претставништвото во Бугарија. Пред крајот на март и тој пристигнал во Софија, му се придружил на Делчев да ги заштитуваат интересите на Организацијата и истата „да ја претставуваат пред надворешниот свет“. Тогаш Уставот на Организацијата бил отпечатен, а потоа испратен во Македонија.
Со браќата Иванови, трговци со оружје, Делчев договорил Организацијата да добие поголемо количество од пушките „кримки“ исфрлени од употреба во бугарската армија. Претседателот на владата Константин Стоилов тоа лично го одобрил, со ветување дека ќе бидат дадени уште 3000 пушки и други 3000 од владата. Подоцна на Организацијата ѝ биле подарени од Иванови 4043 пушки „кримки“, но без муниција, за бугарската влада „да ги држи конците“.
Истите биле пренесени преку тајните канали во Македонија. Предавањето на другите ветени пушки владата го условила, таа да определува каде ќе се распределувале. Предавањето го запрела, и подготвувала апсење на Делчев и на Ѓорче Петров.
По предупредувањето од Централниот комитет, со писмо лично до претседателот Константин Стоилов, апсењето било откажано. Организацијата го зголемувала влијанието во црковно-училишните општини како единствени легални народни институции. Бугарската егзархија известувала во Софија дека Револуционерната организација станала нејзин „опасен враг“, дека се заканувала „да го разурне егзархиското дело“, барала да се отворат во Македонија бугарски претставништва.
Владата на Константин Стоилов и без тоа веќе одлучила да го преземе раководењето со бугарската пропаганда во Македонија за влијание врз Организацијата. Со таква намена во Македонија беа отворени (во Солун, Битола, Скопје, Сер) бугарски дипломатски агенции, официјално трговски агенции, раководени (главно) од Македонци по род, докажани поддржувачи на големобугарската државна политика, членови и функционери на Врховниот комитет, познати со раководителите на Организација за следење на нивната активност, за влијание и контрола за промена на карактерот ослободителното движење.