Осмиот пакет на санкции против Русија уште неспроведен, ЕУ планира девети пакет
Како што изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ЕУ активно работи на подготовка на деветтиот пакет антируски санкции.
„Работиме напорно да ја погодиме Русија на болно место за да ја оневозможиме да спроведува борбени операции против Украина. Работиме со полна пареа на развојот на деветтиот пакет санкции“, рече Фон дер Лајен.
„Деветтиот пакет антируски санкции, најверојатно ќе биде надополнување на осмиот, насочен против руски функционери и шефови на корпорации. Покрај тоа, санкциите може да вклучуваат дополнителна конфискација на руски имот и дополнителна забрана за транспорт на нафта по морски пат, со што нема да се дозволи нивните високотехнолошки компании да соработуваат со нашите фирми за набавка на одредени компоненти и трансфер на технологија“, истакна рускиот експерт за стратешко истражување Михаил Бељаев.
На прашањето како Русија ќе реагира на деветтиот пакет санкции, Бељаев вели дека не е исклучена можноста руската држава да воведе реципроцитетни мерки, и според него, антируските санкции имаат спротивен ефект.
Магазинот Политико, објави дека главни лобисти за новите антируски санкции се Летонија, Литванија, Естонија и Полска. Земјите бараат системот SWIFT да биде недостапен за што повеќе руски банки, да се ограничи увозот на гас и да се забрани секаков трансфер на пари за Русија. Дополнително, се предлага и забрана за увоз на руски дијаманти, кои претставуваат 30 отсто од глобалната трговија на Русија.
Според рускиот политиколог Јуриј Светов, со претходните пакети антируски санкции, Европската унија не успеа да ја дестабилизира руската држава. Затоа тој го развива деветтиот пакет со кој планира да ја ослабне Русија и со тоа да го промени текот на воена операција. Сепак, според Светов, и со овој пакет ЕУ нема да ги постигне посакуваните резултати.
„Економиите на земјите од ЕУ се директно засегнати од санкциите. Недостатокот на енергетски ресурси што се појави по одбивањето да се купува од Русија, доведува до постепена стагнација и пад на европската индустрија, слабеење на конкурентноста на нивните стоки на странските пазари поради високите цени. Во исто време, во овој контекст, Руската Федерација има алтернативи за замена на европскиот увоз“, изјави тој за РТ.