Железничкиот сообраќај повторно во прекин – работниците од „Колска“ протестираат

Работниците на велешка „Колска“ кои се дел од јавниот сектор, денес, ги блокираат возови (железничкиот сообраќај) со почеток од 07:30 часот на железничка станица Велес.

Работниците на фабриката за шински возила „Велес“ поточно „Колска“ го изразуваат својот револт од игнорантскиот однос на владините функционери за проблемите со кои се соочуваат. Протестот го организира основната синдикална организација во фабриката ,,Колска” при СРСВМ во ССМ.

Од ССМ најавија дека доколку барањата на работниците не бидат сослушани ќе следува генералниот штрајк, преку што барањата на работниците и штрајкувачите во наредниот период ќе бидат се по изразени.

Потсетуваме дека претходно во декември месец минатата година работниците од оваа фабрика штрајкуваа заради тоа што тогаш три месеци не земале ниту денар плата, а ситуацијата не била многу подобра ниту во текот на минатото лето, кога добивале 70% од нивната плата.

Фабриката за шински возила „Колска“ постои 105 години, таа е единствен ваков капацитет во земјава кој може да поправа патнички и товарни вагони. Вработените во оваа фабрика работат во катастрофални услови, без греење или ладење, без соодветна опрема и под кров кој прокиснува. Оваа фабрика во 2002 година броеше 320 вработени, а денес има само 87 работници.

За хаосот во железничкиот сообраќај говори и фактот дека железничкиот превоз Скопје – Куманово беше прекинат без никаква најава. Ваквата пракса во градот трае од 22 јуни годинава кога се укинати сите возови во утринските и попладневните часови. Станува збор за возови најчесто користени и во голема мера неопходни за патниците од селата: Речица, Романовце, Табановце, Агини Село, Илинден, Маџари, Дељадровце и Миладиновци.