Димитров: Културата и образованието се темелот на општеството
Речиси постојано се “бориме” за унапредување на културата во нашата земја, каде државата за жал не го зема во предвид фактот дека таа треба да генерира приходи за развој пред се на локалната заедница. Големите и сериозни земји ја препознаваат важноста на културата и уметноста притоа вложувајќи парични средства и ресурси за нејзин развој со што можат слободно да се наметнат како важни субјекти во “освојување” на светот.
Културно- Информативниот центар во Скопје е една од ретките установи од културата каде на посетителите им се нуди широк спектар на настани, благодарејќи на г-ниот Антонио Димитров, директор на центарот, кој ѝ покрај многубројните обврски одвои време да ни одговори на неколку прашања.
Дивианартс: Г-не Димитров, откако сте на раководна функција во центарот се имлементираа импозантен број на културни настани, покажувајќи ја со тоа важноста на индивидуалната уметничка поетика како и на локалната културна сцена. Има ли простор за задоволство по сето она што сте го постигнале, односно дали во Вас созреваат нови предизвици кои планирате да ги постигнете како еден од стратезите на културната трансформација на оваа институција.
Јас сум задоволен од постигнатото во овие неколку месеци. За многу краток период и покрај сите препреки, кризи, недостаток на финансии, напластени проблеми, итн., успеавме да ја подигнеме установата од затекнатата хибернација, да се обнови и зголеми обемот на програмата, да се врати публиката и уметниците, создавајќи уште една културна локација и трансформирајќи го во респектабилен културен центар. Впрочем тоа и е целта, Центарот да биде препознаен од публиката и баран од уметниците. Скоро секој ден имаме настани (некогаш и по неколку), а изведовме и две манифестаци: гостување на светски познатото пијано дуо LP Duo и дводневниот фестивал „Звукот на Скопје“ на кој меѓудругите групи и уметници настапи и најбараната артистка во момнентов Констракта. Според ова, сметам дека културната трансформација во самиот центар, а и во градот е евидентна, а предизвиците се пред нас, затоа што тукушто започнавме со реализацијата на поставените стратегии.
Дивианартс: Тргнуваме од појдовната точка дека културата не смее да се толкува како еден вид потрошувачка категорија на општеството, туку дека треба да биде развојна компонента на секоја локална или регионална заедница.Кое вашето мислење по ова прашање.
Културата и образованието се темелот на општеството и ако некоја власт не е способна да го препознае ова, ќе биде осудена на пропаст. Ако градите во празен простор, без темел, постои опасност тоа што го градите да се сруши и воопшто да не го изградите. Нашето општество е такво. Се гради без темел, не се вложува во културната наобразба, a младите се препуштени на сомнителни идеолошки влијанија. Ако на нешто најмалку се обрнува внимание, како последно во интересите на власта, тоа се културата и образованието. Оттаму и ваквата состојба во државата. Во културата немаме континиуитет, културното наследство е запоставено, финансиите се минимални и секојдневно се кратат, вработувања нема (што претставува сериозен проблем), центрите се руинирани, програмите оскудни или застарени (со чесни исклучоци), не се вложува во публиката како клучен чинител во културата, културни медиуми и да нема… Со еден збор културните политики се непостоечки. Резултатите од оваа негрижа е тешка импровизација во културата, доминација на културните индустрии наспроти културата, енџиоизација и идеологоизирање на културата преку странски финансиери, што придонесува за очајната состојба во која се наоѓаме на културно ниво.
Дивианартс: Во тековната година подготвувате значајни програми и настани во рамките на Културно-информативниот центар меѓу кои е и престојната манифестација ‘Бела Ноќ’. Дали би требало да има повеќе вакви случувања во главниот град.
Секако дека треба. Иако ова не е локална манифестација, туку преземена, сепак фино се вкопи во локалниот културен контекст, поврзувајќи ги сите културни установи и институции оваа вечер. Ова поврзување не треба да е само една вечер во годината, туку да се случува редовно. Зачетоци на ваква соработка веќе се наѕира, посебно помеѓу културните установи под Градот. Извесни фестивали покренати од овие установи исто така имаат слична улога. Тие иницијативи треба да се надградат и финансиски да се наградат, за да опстанат или го зголемат својот обем и квалитет.
Дивианартс: Реализиравте многубројни програми, содржини и промоции во вашата институција откако сте на раководна функција, дали ќе продолжите со истото темпо и енергија.
Апсолутно. Тоа и е поентата на раководната функција. Да се внесе нов дух и ентузијазам во работата. Засега ентузијазмот и енергијата постојат, а визијата и проектите се ставени на хартија. Останува уште да видиме дали тоа ќе биде препознаено и планираните проекти за следната година одобрени.