Образованието во функција на партиските вработувања
- Реакција на Левица – ЛО Кочани
На денешната седница на Советот на општина Кочани повторно беше обелоденета нескриената соработка меѓу т.н. власт (ВМРО) и т.н. опозиција (СДСМ). Истите, со цел да бидат доследни на улогите со кои ја замајуваат јавноста додека си реализираат теснопартиски интереси, дискутираа за сламка, иако по гредата која самите тие ја имаат изделкано со начинот на кој со години наназад практикуваат власт, си чекорат совршено синхронизирано.
Најбројни на дневниот ред беа точките од образование. Од страна на советникот на Левица беше изложена обемна анализа за состојбите во образованието во општината, при што беа поставени и бројни прашања пред сѐ во врска со:
-немањето учебници за учениците од I, II, IV и V одделение;
-превозот на ученици;
-огрев за училиштата;
-недостиг на наставни помагала;
-раст на бројот на вработени иако бројот на ученици опаѓа;
-неразумно висок просек на оцени наспроти сѐ пониските резултати на меѓународните тестирања, итн, не беше даден одговор на ниту едно, а директорите ( именувани пола од ВМРО и пола од СДСМ) одговорија само на прашањата во врска со поситни забелешки во врска со програмите и извештаите.
На крај со здружни сили си ги изгласаа партиските вработувања, околу што очигледно немаат никаква дилема, ама затоа имаат квалитетен дил.
Сето тоа ќе оди на конто на слабиот квалитет на настава и лошите услови за работа во училиштата.
Колкава е вистинската грижа за најмладите, зборува фактот, што, непосредно пред почеток на наставната година, ниту пешачките премини во близина на училиштата не се обележани, иако веќе утре по нив ќе потече река дечиња, меѓу кои и околу триста првоодделенчиња.