Слезенковски: Владата на Република Македонија дава слободен простор за ширење на бугарска пропаганда на нашата територија
Пишува: Слезенковски Кирил – член на Советот во Општина Илинден при политичката партија Левица
Бугарската пропаганда почнува да се шири некаде околу 1897 година и со сигурност може да се каже дека оваа пропаганда која се водела била една од најсуровите доколку направиме споредба со грчката или српската пропаганда. Покрај основните алатки за ширење на пропаганда како што се: црквите, училиштата и хуманитарните институции, бугарските власти воделе и вооружена пропаганда на наша територија благодарение на македонските граѓани кои емигрирале во Бугарија и Македонскиот комитет.
Бугарската пропаганда во тоа време највеќе се состоела во отварање на училишта во кои се учела про-бугарска историја и идеологија со цел да се привлечат што поголем број на национални приврзаници од територијата на Македонија, а ќе помогнат за остварување на Санстефанска Бугарија (Македонија како дел од Бугарија).
Со потпишување на францускиот предлог и можноста на бугарското Министерство за надворешни работи директно да влијае врз образовниот процес во Македонија директно ја загрозува состојбата во образованието во нашата држава. Покрај големите барања на бугарите за чествување на заедничка историја, деградирањето на македонскиот јазик, вмешувањето во образовниот процес, само ја потврдува намерата за водење на активна бугарска пропаганда во Република Македонија.
Разликите кои ги имаме од 1897 година и 2022 година е во тоа што во минатото поради незадоволството на вмешувањето на бугарските власти и воочувањето на македонскиот народ дека во Македонија активно се водат дејствија за покорување на нашиот народ, се формираат организации кои се спротиставуваат на ваквите дејствија на нашите тогашни соседи. Доколку во минатото сме имале самоиницијативно организирање против бугарската пропаганда, сега македонската Влада директно учествува за повторно враќање на големите соништа на бугарите, Македонија да биде дел од Бугарија. И не случајно се дозволува да се отвараат културни клубови, историски комисии и организации, тие имаат една цел, а таа е повторно ширење на бугарска пропаганда на територија на Република Македонија со цел на остварување на пробугарските соништа.
И да не се заборави, покрај сегашната бугарска пропаганда во Македонија, активно учество земаат скоро сите наши соседи. Албанската пропаганда во овој момент е највлијателна каде што албанскиот политички блок директно си признава дека нивните политики се поврзани со Албанија и Косово, а тоа може да се забележи од 2001ва па до ден денес. Исто така, српското влијание е големо во Македонија, но умешно. За разлика од Бугарија која со сила сака да се наметне врз македонскиот народ, српските власти преку водење на добра и паметна надворешна политика цврсто завземаат позитивно мислење кај македонскиот народ.