Дали градоначалникот Звонко Пекевски ја злоупотребува својата службена положба?

Реакција на Левица – ЛО Берово

Последните два дена на социјалната мрежа Твитер, од страна на профил со корисничко име СКОПЈАНЕЦОТ, објавени се неколку снимени разговори водени помеѓу Градоначалникот на Берово Звонко Пекевски и Претседателот на СДММ Александар Мановски, како што се наведува во описот на објавените снимки.

Со оглед на сериозноста на содржината на објавените разговори, бараме од надлежните институции да истражат дали:

1. Градоначалникот Пекевски ја искористил својата службена положба и овластување, односно дали и покрај сознанието за кражба на струја од страна на Претседателот на СДММ Мановски, не го пријавил ваквиот кривично правен настан и заради партиската поврзаност со Мановски го спасил од одговорност со што и двајцата го оштетиле општинскиот буџет?

2. Дали Градоначалникот Пекевски ја искористил својата службена положба и овластување јавувајќи се до надлежен пазарен инспектор или инспектор на УЈП со цел повторно поради партиската поврзаност да го спаси Мановски од законски предвидената глоба?

3. Дали Градоначалникот Пекевски користејќи ја својата положба и овластување посредувал за повисоки оценки, полагање на возачки испит на членовите на СДСМ Берово?

4.Која е вмешаноста и улогата на градоначалникот Пекевски во огласите за вработување на работни места предвидени во Општина Берово и дали единствен критериум за вработување била партиската припадност и неговата препорака?

Доколку надлежните утврдат постоење на елементи на сторени кривични дела од страна на Градоначалникот и Претседателот на СДММ бараме од надлежните, во насока на заштита на јавниот интерес на сите жители на Општина Берово, да поднесат соодветни кривични пријави.