(Видео) Македонија ќе се распродава за 1 евро квадрат?

Видео репортажа од samoprasaj.mk во врска со распродавањето на државно земјиште.


„Постои ли опасност Македонија да влезе во модерен феудализам? Ова е прашањето кое се наметнува, откако Министерството за земјоделство го објави нацрт – Законот за продажба земјоделско земјиште во државна сопственост.

Станува збор за потенцијална распродажба на огромен дел од од територијата на државата, ако се земе предвид дека од вкупно 557 хектари, 662 хектари кои се класифицирани како обработливо земјиште, 41% се во државна сопственост. Согласно податоците на надлежните, државата располага со околу 228 илјада хектари земјоделско земјиште, и тоа без културата пасишта. Со нацрт-законот се предвидува продажба на државна земја, која е дадена под закуп по цени кои се движат од 0,20 до 1 евро по квадратен метар, во зависност од класата.

Исто така, се планира во период од три години да се продаде огромна површина слободно земјоделско земјиште по пат на јавно наддавање, со почетни цени кои не надминуваат 1 евро за квадрат.

Надлежните, потребата од нов закон ја правдаат со недореченостите и недоследностите во актуелното решение кои им создава проблеми на терен, но и со отворањето можности за нови инвестиции откако повеќе компании пројавиле интерес да инвестираат и од кои се очекуваат приходи од 200 до 300 милиони евра. Намерата за продажба, а не за давање под закупна државното земјоделско земјиште, од кој годишно инкасираме по 6 милиони евра ги загрижува експертите.

Професорот по агроекономија, Драги Димитриевски од Земјоделскиот факултет предупредува да не се трошат ресурсите кои ние сме ги наследиле и кои треба да ги оставиме за идните генерации. Според него, продажбата е единствено прифатлива ако со парите од неа повторно се купи земјоделско земјиште

Давање под закуп, како што е во моментов управувањето со државното земјоделско земјиште е начин на којшто државата секогаш ќе има контрола. Доколку го продаде тоа земјиште државата веќе нема контрола, тоа е веќе приватен имот на којшто тие си воспоставуваат право коешто може во многу работи да ја ограничи државата.

Со новото законско решение уште повеќе се отвора вратата за странци да се стекнат со македонска земја, преку акции и удели во домашна компанија кои ги стекнале при реализација на стратешка инвестиција. Инаку, тие можат да бидат дел од домашна компанија која би се јавила како купувач, но со удел до максимални 49% од сопственоста. Во многу земји продажба на државно земјоделско земјиште не е дозволена или е многу ограничена, бидејќи тоа се смета за природен ресурс. Кај нас, со секое ново законско решение се правеше чекор кон тој правец

Димитриевски предупредува дека влезот на големи корпорации може сериозно да ги загрози малите стопанства кои живеат од земјоделството, а кои во таков случај ќе бидат постиснати.

Постојат сериозни негативни примери и една појава која посебно по 2008 година станува, би рекол актуелна и предизвикува сѐ поголем интерес во научната, стручната јавност, во невладините организации, во организациите коишто се занимаваат и со заштита на човековите права, тоа е таканаречениот „land grabbing“ или грабање земја од големите корпорации, коишто доаѓаат, купуваат или земаат големи пространства на земјоделско земјиште на коешто често и не произведуваат храна или таа храна што ја произведуваат ја извезуваат, ја носат во сопствените држава и или пак предизвикуваат штета и со неодржливо искористување на земјиштето, честопати засадуваат монокултура, не водат сметка за квалитетот на земјиштето и го намалуваат тој квалитет на земјиштето.

Надлежните тврдат дека нема да дозволат пренамена на земјоделското земјиште во градежно, кое потоа би се продавала по многу повисоки цени. Сепак, во нацрт-планот се вели дека земјоделското земјиште не може да се пренамени во градежно најмалку 10 години од денот на склучување на договорот за продажба. Со тоа, на „мала врата“ се отвора можност по истекот на овој период новите сопственици да бараат пренамена.

Поради тоа, оправдана е загриженоста дека плановите за распродажба на државното земјоделско земјиште може да доведат до неповратно губење на ресурси и низа негативни последици, доколку не се обезбеди подобра заштита со новото законско решение.”

Извор: https://samoprasaj.mk