Ванковска: Престанете со пропаганда со која се обидувате да ги демонизирате протестантите
Реакција на проф. Биљана Ванковска против апелот на Фондација Отворено општество за прекин на протестите
Драга Fani Karanfilova-Panovska, Драга Фондацијо,
Наспроти говорот на омраза на кој укажувате, јас одлучив да Ви се обратам со едно љубовно писмо.
Вашето денешно соопштение воопшто не изненадува имајќи ја предвид целокупноста на Вашите активности во изминативе децении постоење.
Никако не можете да се амнестирате од Вашиот придонес кон актуелните состојби во државата и оттука, Вашиот повик за мирни протести, без говор на омраза, делува крајно лицемерно.
Најпрво, протестите се манифестација на незадоволство на македонските граѓани против крајно навредливиот и фашизоиден предлог на ЕУ, со кој говорот на омразата на Бугарија и бугарските политичари кон Македонија и македонскиот народ, негацијата на засебноста на еден народ, неговиот посебен јазик, култура и идентитет, барањата за ревизионизам на историјата стануваат дел од преговарачката рамка и водат кон билатеризација на процесот на интеграција. Со тоа, ЕУ застанува во одбрана на тенденциите кон асимилација на народот, администрација на територијата преку постојаните уцени на кои ќе бидеме изложени во текот на процесот и преку поткопување на суверенитетот и независноста- како покровител на бугарските експанзионистички територијални претензии.
Преку протестите се изразува несогласување со непримерното однесување на ЕУ бирократите и уште повеќе- долгогодишната сервилност на нашата дипломатија и политика. Нивната цел не е да се покаже омраза кон било кого туку да се реагира на невидениот говор на омраза на кој сме изложени од Бугарија, а што дрско и неевропски е поддржано од ЕУ.
Затоа, престанете со пропаганда со која се обидувате да ги демонизирате протестантите, прикажувајќи ги како мразачи, ксенофоби, ЕУфоби, бугарофоби, албанофоби, итн.
Во случајов, Македонија не е таа која мрази. Напротив, тоа се Софија, Париз, Брисел.
Протестите ни најмалку не се насочени кон Албанците, ниту кон било која група или заедница во државата. Тие се исклучиво насочени против антидржавните и антинационални политики на нелегитимната Влада која нема кредибилитет во нетранспарентна постапка да одлучува за витални прашања врзани за идентитетот, историјата, но и иднината на земјата.Дотолку повеќе, тие се граѓански и повикуваат на обединување на сите чесни и искрени граѓани кои ѝ мислат добро на својата земја и ѝ посакуваат иднина како просперитетна членка на ЕУ, но достоинствена и рамноправна со останатите, во која сите, почнувајќи од мнозинскиот македонски народ, ќе го уживаат правото на самоидентификација, кое со фамозниот предлог за преговори се оспорува.
Обединување без оглед на политичката и идеолошка определба (и покрај спиновите дека се работи исклучиво за протест на припадници на опозицијата), и секако без разлика на верската и етничката припадност или каков било друг основ.
Оттука, спинувањето дека со протестот се загрозуваат меѓуетничките односи кој оди на линија на заканите на министерот Османи дека неприфаќањето на предлогот ќе води кон нов меѓуетнички конфликт раѓа сомнеж во искреноста и мотивацијата на Вашиов повик.Доколку кој било извикал нешто против Албанците тој некој може да се санкционира, наместо да се генерализира и да се квалификува целиот протест како антиалбански.
Понатаму, ако се критикува работењето на Османи (кое е катастрофално и скандалозно!) тоа според стандардите воспоставени во јуриспруденцијата на Европскиот суд за човекови права претставува апсолутно дозволен и легитимен начин на комуникација/споделување со јавноста на ставови преку кои се покренува јавна дебата за прашања од јавен интерес- во случајов, за начинот на вршење на една од највисоките државни функции и за тоа дали тој како македонски државјанин со албанско етничко потекло е доволно сензибилиран и води грижа за македонските национални и државни интереси. Тоа не е албанофобија!
А меѓуетничките односи се кревки поради спроведувањето на консоцијалниот експеримент (кој, патем, се покажа како неуспешен во низа постколонијални земји) а кој беше востановен и имплементиран под меѓународен диктат и со сесрдна Ваша поддршка, водејќи кон изградба на поделено општество на сегрегација и апартхејд во кое освен за етнократија, партитократија, племенски непотизам и корупција, нема место за систем заснован на мерит и за целосно владеење на правото.
Неевропски племенски, наместо граѓански концепт каков што, пак, доминира во сите држави-членки на ЕУ!
Фрагилни сме и поради континуираната поддршка кон поранешна терористичка организација во нејзината политичка мисија на самоволие и башибозук. Дека е тероризмот европска вредност, не ми е познато!
Нели 20 години индоктринирате дека Рамковниот води кон рамноправност, инклузивност, внатрешна стабилизиација и хармонија? Е па чуму сега одеднаш нестабилност и ескалација на тензии?
Па токму затоа што Рамковниот на долг рок создава национални фрустрации (кај Македонците) и заедно со договорот со Бугарија, и секако овој контроверзен предлог на ЕУ, (ќе) претставуваат извор на континуирана нестабилност во земјава и регионот. Затоа, предлогот освен кон натамошни поделби и фрагментации и (евентуален) конфликт, нема да води кон ЕУ. Впрочем, тоа не му е ни вистинската цел.
Е, па токму тој договор со Бугарија, заедно со предлогот, ја загрозуваат безбедноста на државата, а не протестите.
Доста веќе со смешни флоскули за мултикултуралната разноликост, која во пракса се претвори во биетничка корупција и поделба на пленот меѓу поглаварите на двата етничко-политички клана- македонски и албански.
Тотално сте ја утнале темата со мултикултурализмот, особено кога ЕУ е таа која со предлогов ја ништи самата концепција за заедница на различности.
Од Фондација/организација која застапува човекови права се очекува побалансиран пристап, секогаш на страна на заштитата на слободите и правата на СИТЕ граѓани. А Вие сте загрижени за полицијата, дури и доколку таа спрема некои протестанти употреби(ла) прекумерна сила.
Исто како што безсрамно седнувате на иста маса со корумпирани политичари во кои граѓаните немаат никаква доверба, за да го поддржите нивниот (криен од јавноста) „предлог“ и покрај мнозинското НЕ кое секој ден се погласно одекнува во јавноста.
Верни исполнувачи бевте на многу агенди во минатото кои беа пишувани надвор и не произлегоа како автентична волја на Македонците и македонските граѓани за тоа во каква земја сакаат навистина да живеат. Продолжувате понатаму, сосема безскрупулозно, без усул, и без допир со реалноста.
И секако ќе продолжите да етикетирате секого кој мисли спротивно на Вас и на Вашите шефови како лажни/квази/порно патриоти, националисти, конзервативни, и што ли уште не.
А што Вие направивте за да превенирате за не дојде до овие протести?
Реагиравте на говорот на омраза и повиците за негација на (бугарскиот удел во) Холокаустот и ревизија на историјата? На повампирувањето на фашизмот и отворањето на фашистички дувла именувани како наводни бугарски културни клубови, како оној во Битола, и величањето на терористи и фашисти како Михајлов. Го осудивте ли ова?
Ги осудивте ли отворените манифестации на пустата желба на бугарските пратеници и политичари на територијални претензии кон државава? (со транспаренти „Македонија е бугарска“/ „Македонија е Бугарија“). Или тоа се само радикални елементи, па нема потреба, односно не влегува ниту во Вашиот мандат, ниту во оној на организациите чие работење го поддржувате?
Поддржавте ли граѓански организации за човекови права да поднесат апликации пред домашните форуми/судови и во Стразбур со кои ќе се жалат на говорот на омраза на кој сите ние како македонски граѓани бевме жртви од бугарска страна? Веројатно немате појма дека веќе има пресуди на Европскиот суд за човекови права во кој Бугарија е осудена поради толеранцијата и неказнивоста кон нивниот говор на омраза?
Но, добро знаете за десетиците пресуди на ЕСЧП со кој е констатирана повреда на членот 10 (слободата на изразување) од Европската конвенција за човекови права од страна на Бугарија поради недозволување на регистрацијата на здруженијата на Македонците таму. Како и дека со децении истите не се имплементираат.
Што Вие презедовте за да ги зајакнете капацитетите на нашите невладини организации за човекови права за да се застапуваат пред Комитетот на министри за имплементација на овие пресуди? Исто онака како што правевте напори да се изврши пресудата Ел Масри против Македонија, на пример.
Едно големо НИШТО.
Но, зошто?
Одговорот е јасен- тоа не е во Вашата агенда, ниту во агендата на оние (домашни и странци) на чии интереси посветено и верно им служите.
И да, не е воошто неочекувано дека сега има протести. Не само поради креираното незадоволство кај граѓаните од домашните политики и ЕУ хипокризијата, туку и затоа што Вие како (не)владин сектор целосно потфрливте и не ја остваривте ефективно Вашата мисија во заштитата на слободите и правата и во промоцијата на вистинска демократија и владеење на правото, зашто делувате селективно и по нарачка, и граѓаните не Ве чувствуваат за свои (ни НВО, ни политичарите, ни ЕУ), се отуѓивте од нив и нивните потреби и интереси, и тргнавте по некој свој пат, во беспаќе/ќорсокак во кое сакате да не одведете сите.
Но, за среќа, повторно се роди надежта откако, за разлика од Вас, еден куп невладини, носители на ЕУ експертизата го кажаат своето експлицитно НЕ, покажаа интегритет.
Fani Karanfilova-Panovska, имате ли Вие интегритет, (човечко и национално) достоинство? Ќе го фатите вистинскиот правец и ќе ѝ служите на заедницата, или ќе продолжите по истиот погрешен колосек? Се чини дека никој повеќе не Ви верува, иако (поради ситните грантови со кои ги залажувате) многумина дури и сега одлучиле да молчат.
Не сум сигурен дека и Вашиот претходник го поддржува ова што го правите.
Никогаш не е доцна да се излезе од погрешната матрица и да се застане на патот на вистината, правдата и вистинските (ги нарекуваат европски) вредности, за доброто на секој од нас и на нашето (сѐ уште) затворено, заробено, окупирано и поделено општество.