Масакрот во Ваташа: Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!

На денешен ден, 16 јуни 1943 година, пред 76 години, беше извршен Ваташкиот масакр, најголемиот злочин ( заедно со Дабничкото клање) во времето на Втората светска војна во Македонија. Со намера да го спречи големиот подем на народно-ослободителното движење во Македонија, а се во рамките на Јунската непријателска офанзива, бугарскиот фашистички окупатор во месноста “Моклиште“ стрела 12 младинци од селото Ваташа на возраст од 15 до 27 години.

Во пролетта 1943 година, по повеќе акции на партизанските одреди на Третата оперативна зона, три полка бугарска војска и одреди полиција, под команда на полковникот Апостолов, од 7 до 16 јуни 1943 година, презема офанзива за уништување на партизаните и се нафрла и на мирното население. Кулминација на прогоните над цивилното население е масовното стрелање во Ваташа, на 16 јуни 1943 година, кога на роденденот на бугарскиот престолонаследник Симеон ІІ се убиени 12 младинци. Уште вечерта на 15 јуни низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.

Во раните утрински часови во селската кафеана во Ваташа биле приведени и сослушани неколкумина младинци и девојки. Тие биле скоевци, кои кришум им помагале на партизаните, но биле предадени. Според Стева Илиева од Кавадарци: „Кметот не’ собираше од куќите со готов список, сите нѐ имаше по име и презиме.“ Во кафеана тие се испрашувани и тепани, а потоа се терани да признаат дека биле сите заедно со партизаните на 1 мај во месноста Моклиште и дека биле нивни помошници. На крајот на полицискиот распит се ослободени еден младинец и една девојка.

Фото: Петре Камчевски

Потоа сите во колона по еден во придружба со силно воено обезбедување се однесени во месноста “Моклиште“, каде девојчињата се издвоени, а врз момчињата е отворен оган од митролези и пушки.
Најмладиот од стреланите имал само 15 години. Еден од стреланите пред да умре, успеал да изусти “Стрелајте кучиња, но нашата идеја нема да умре!”.

За масакрот во Ваташа пишува во “Билтенот“ на ГШ на НОВ и ПОМ од септември 1943 година каде стои: “Младинците се изрешетани од куршуми од митролези, па се после избодени со бајонети, на некој им се исечени рацете и извадени очите, а притоа сите биле опљачкани“. Поручникот Борис Костов кој раководел со овој злочин, со шмајзер во рацете од кој сѐ уште се чадела цевката им се обратил на преплашените девојки со зборовите: “ Гледајте, гледајте и вас ќе ве најде истото“. Откако му реферирале за извршениот масакр за успешно извршената акција полковникот Љубен Апостолов восхитено рекол: “Тоа е тоа, страшни момчиња имам“.

Судење

По две години, Народниот суд во НР Македонија ги осудил на смрт главните раководители и учесници во оваа акција: полковник Љубен Апостолов, капетан Борис Жеглов, поручник Костов и подофицер Петко Опреков. Пред тоа, сите тие се предадени од новата влада на Бугарија на југословенските власти за судење како фашисти.

Стрелачкиот вод кој учествувал во злочинот една година подоцна на 13 јули 1944 година, бил целосно уништен од страна на два баталјона на Втората МУБ кај село Страмашево.

Одбележување

Во спомен на настанот, изградена е спомен костурница на стреланите 12 младинци од Ваташа, која е откриена на 11 октомври 1961 година. На јужниот ѕид на споменикот е запишано: Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани, уште тоа утро во иднината. На местото на стрелањето подигнат е спомен-парк со површина од 7 хектари, а во него се посадени 12 јавори како симбол на стреланите младинци.