Црвена Младина: ДКСК да реагира за грабежот на студентите на универзитетот „Св. Климент Охридски”

  • Реакција на Црвена Младина

Со години голем дел од универзитетите се богатат на грбот на студентите, со што се придонесува универзитетското образование во Македонија да се наоѓа некаде блиску до дното на Балканот и Европа според сите светски рангирања.
Така, најновиот скандал на ректоратот на универзитетот ,,Св. Климент Охридски”- Битола е уште еден доказ за начинот на кој се ограбуваат македонските студенти.

Имено, на секој студент, при запишување на студентската година, универзитетот му наметнува обврска да плати 1000 денари, без притоа јасно да напомене каде одат тие средства. Како што произлезе, тие средства оделе во џебот на ректоратот, кои нечесно си ги додавале како бонуси на нивните и така високи плати.

  • РЕКТОРОТ НА УНИВЕРЗИТЕТОТ САШО КОРУНОВСКИ 1 997 595 МКД;
  • ПРОРЕКТОРОТ ИГОР НЕДЕЛКОВСКИ 525.953 МКД;
  • ПРОРЕКТОРОТ ЉУПЧЕ КОЧОСКИ 585 875 МКД;
  • ГЕНЕРАЛНИОТ СЕКРЕТАР ОФЕЛИЈА ХРИСТОВСКА 226 496 МКД
  • ДЕКАНОТ НА ФАКУЛТЕТ ЗА ТУРИЗАМ И УГОСТИТЕЛСТВО – ОХРИД ЦВЕТКО АНДРЕЕСКИ 158 800 МКД;
  • ДЕКАНОТ НА ТЕХНОЛОШКО – ТЕХНИЧКИ ФАКУЛТЕТ ВЕЛЕС ТАТЈАНА КАЛЕВСКА 164 800 МКД ;

Додека просечниот македонски студент, секоја година е приморан летото да го поминува макотрпно работејќи во странство, со цел да ги плати студиите, универзитетската аристократија бескрупулозно им наметнува дополнителни трошоци, без притоа да го зголеми квалитетот на образование за студентите. Напротив, тие пари завршуваат во џебот на ректоратот.

Со ваквото однесување на челниците на универзитетот ,,Св. Климент Охридски”, само дополнително се уништува кредибилитетот на универзитетот и довербата на студентите дека ќе бидат дел од принципиелна академска средина.

Истовремено пратениците во собранието го одбија предлог законот на пратениците на Левица за зголемување на субвенционираниот студентски оброк, со што јасно се покажува игнорантниот однос кон студентите – кои се иднината на оваа држава.

Црвена Младина остро ги осудува овие коруптивни и несовесни дејства, и воедно апелира до Државната комисија за спречување на корупција и Јавното обвинителство да не замижат на овој криминал, и да ги превземат потребните дејствија за судска разрешница.