АктуелноЛокалноСтав

АКАДЕМИК ЌУЛАВКОВА: МАКЕДОНИЈА Е НА ПРАГОТ НА ЦЕЛОСНА РАЗНЕБИТЕНОСТ!

Академик Катица Ќулавкова предупредува на целосно разнебитување на Македонија. Таа на својот фејсбук профил објави неколку реторички прашања со кои ја доловува намерата за велепредавство на оваа власт, нагласувајќи дека предавството никогаш никому не донело ништо добро.  Предавството разнебитува. „Болест на смрт“.

Подолу, во целост ви го пренесуваме текстот на Катица Ќулавкова, книжевен теоретичар, есеист, антологичар, критичар, универзитетски професор, поет и раскажувач, академик – редовен член на МАНУ:

Има ли поголемо зло од тоа, во име на празни ветувања и „коцкарска“ надеж дека ќе добиеш премија, да си ги заложиш домот, семејството, народот, наследството, имотот, иднината?

Има ли поголема историска грешка од тоа, од готовото да направиш вересија, од Нешто да направиш Ништо?

Има ли понеморална и понесовесна работа од тоа – светото да го профанизираш, државата да ја обезличиш, луѓето да ги трауматизираш, народот да го стигматизираш?

Има ли побрутален чин од репресијата врз сопствениот народ?

Има ли потрагично предавство од предавството на сопствениот национален интерес?

Предавството никогаш никому не донело никакво Добро.  Предавството разнебитува. „Болест на смрт“.

Македонија е на прагот на целосна разнебитеност. Разнебитена тивко, по пат на ултиматуми и заплашување со војна, по пат на нелегитимни политички договори, референдумски и други фалсификати, со помош на ревизии на историската и современата стварност, незапамтен криминал, стимулирани миграции, етнички фрагментации, позитивни дискриминации, фејк информации, медиумски манипулации, распад на системот на традиционални вредности, губење на пријателите…

Каде брзате?

Само во пропаст се брза неразумно! Вратете го разумот на историската и политичката сцена!

Барем една научна експертиза дајте да се направи пред да донесете политичка одлука!

Оти, да не се лажеме:

– Ако стратешкиот интерес е спротивен на националниот, тогаш тој не е наш, туку туѓ стратешки интерес!

– Сѐ што е напишано, еден ден ќе биде прочитано.

– Сѐ што е потпишано со измама од поединци, еден ден ќе биде отпишано од народот.