„Сенароден протест против бугаризацијата“ најавен за утре пред Владата

Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, попладнево преку куса објава на социјалните мрежи порача дека утре ќе има протест.

„Утре, ќе ви се деси НАРОД
#Протестирам
#НовоСонцеНаСлободата“, напиша Апасиев

Нешто подоцна, на Фејсбук беше објавена и најава за протестниот настан пред Владата, наречен „Сенароден протест против бугаризацијата“.

Таканаречениот француски предлог е уште еден обид на власта да го амортизира гневот на народот против бугаризацијата спроведувана со амин на ЕУ! Нема никаков нов француски предлог, како што потврди и француската амбасадорка од Бугарија. Остануваат клучните негаторски барања од страна на Бугарија, додека македонскиот јазик ќе го толкува Софија како дијалект на бугарскиот јазик!“, пишува во најавата.

„Алармираме на опасноста од изјавата на министерот Бујар Османи, кој потврди дека оваа нацрт-рамка може да се потпише веднаш штом ја усвои Владата, со што целосно ќе се заобиколи македонското Собрание! Апелираме на будност од македонскиот народ и подготвеност за отпор против последните обиди за ништење на македонската држава од страна на СДС и ДУИ!

Бараме отфрлање на францускиот предлог и прекин на преговорите со Бугарија! Никаква интеграција во ЕУ не може и не смее да биде по цена на македонската државотворност! НЕ ВО ЕУ ПО СЕКОЈА ЦЕНА!“, се додава во најавата , објавена на фејсбук-страницата Бојкотирам.