Трагедијата која го потресе Кочани однесе уште една трагична жртва – денеска претпладне почина Стојанче Стефанов (2001), жител на Кочани, кој повеќе од еден месец се бореше за живот во Воено Медицинската Академија (ВМА) во Белград. Со ова, бројот на жртви од трагичниот настан се искачи на вкупно 62.
Според информациите од Министерството за здравство, станувало збор за тешко повреден пациент кој уште од првиот ден по несреќата бил идентификуван како критичен случај и итно префрлен на лекување во Белград. Стефанов бил интубиран и во текот на целиот период на хоспитализација се наоѓал во критична и нестабилна состојба.
Младиот пациент имал 27 проценти телесна зафатеност со изгореници, како и сериозни повреди од вдишување чад. На 4 април бил подложен на оперативен зафат, по што бил приклучен на ЕКМО апарат, систем кој ја оксигенира крвта преку машина – мерка која се користи во најтешките случаи кога белите дробови не можат самостојно да функционираат.
За жал, и покрај сите напори на лекарите, Стојанче Стефанов им подлегна на повредите.
Министерството за здравство упати искрено сочувство до семејството на починатиот и до сите погодени од несреќата во Кочани, која остави длабоки последици врз заедницата.

