Паѓа поддршката за членство во ЕУ – младите се евроскептични

Годинава е нотирано најниско ниво на поддршка за ЕУ во последните девет години, откако Институтот за демократија спроведува истражувања на оваа тема. Најпоразителни се податоците за младите. 

За речиси деценија за една четвртина е падната поддршката на граѓаните за членството во Европската унија (ЕУ). Ако во 2014 година 80 отсто од испитаниците биле „за“ членство во Унијата, во 2023 тој процент изнесува 60 отсто, покажуваат истражувањата на невладината Институт за демократија – Социетас цивилис презентирани на 18 декември.

Едното истражување се однесува на поддршката за членство само на оваа година, а другото опфаќа мислења за процесот на евроинтеграции во период од 2014 до 2023. Институтот досега деветпати спровел анализа на јавното мислење за процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ.

Податоците кои загрижуваат се однесуваат на младите и нивната поддршка за членството во ЕУ, вели авторот на анализата за приодот 2014 – 2023.

„Најмладата категорија на полнолетни граѓани на возраст од 18 до 24 години, се во суштина и најевроскептични. Младите во државата даваат помала поддршка за процесот споредено со повозрасните категории. Само половина од младите го поддржуваат членството во ЕУ“, вели авторот на анализата, професорот на Правниот факултет, Иван Дамјановски.