АктуелноБиблиотекаЛокално

101 година од убиството на големиот македонски револуционер Ѓорче Петров

На 28 јуни 1921 година, сред Софија, во приквечерните часови бил убиен идеологот на македонската револуционерна организација од раката на заведениот атентатор – Реџеп од Царев Двор, кого подоцна исто така го ликвидирале, со цел да се избрише секаква трага.

Ѓорче Петров во последните години од неговиот живот бил Претседател на Комисијата за сместување на македонските бегалци, а преку оваа функција се здобил со уште поголема заслужена слава зoшто успеал да зазрачи со сета негова филантропија, хумана идеја, љубов кон Македонија и смисла за брзо и ефикасно дејствување. Ваквата слава го разгневува Тодор Александров којшто сакал да се ослободи од своите идејни и политички противници, па носи решение да го ликвидира Ѓорче Петров. 

Ѓорче Петров бил еден од најзаслужните македонски револуционери, професор, дипломат, публицист, научник, оратор, социолог, моралист, идеолог на Внатрешната македонска револуционерна организација. Заземајќи висока и одговорна функција во Организацијата – задграничен претставник на Централниот комитет на ВМРО во Софија, тој всушност вршел две клучни задачи: ја осмислувал надворешната политика на ВМРО и водел непомирлива борба со надворешните посегања во чистотата на револуционерното дело на македонскиот народ, особено со бугарскиот врховизам, и поради тоа станува неизбежна жртва на агресивниот големобугаризам.

Сумирајќи ги резултатите од борбените напори на својата генерација, пред крајот на својот живот, Ѓорче Петров ги напишал следниве знаменити зборови:

„Македонија, по своја иницијатива и по силата на својот живот, се оформи сама себе си во одделна морална единица, со своја специфична идеологиja и со свој политички лозунг — обласна самоуправа ко ja се мачеше да ja реализира со свои сопствени сили. Долгата и упорно нерамна борба, против турското политичко владеење под знамето на горниот лозунг, епските подвизи на безброј безимени дејци во редовите на Внатрешната револуционерна организација, нејзина рожба што високо рекламираат еден возвишен идеализам, голем духовен подем и силно политичко сознание на населението, ќе си го сочуваат засекогаш своето воспитно значење за поколенијата и ќе бидат во нив скапи историски спомени, кои ќе го крепат духот при евентуални несреќи“