АктуелноЛокално

Левица: И министерката Стојчевска го заборави училиштето каде прв пат се одржуваше настава на македонски јазик

Од политичката партија Левица реагираа за состојбата во која се наоѓа училиштето во Подвис, каде на 23 септември 1943 година во селското училиште првпат почнала да се одржува настава на современ македонски јазик. Во продолжение ја пренесуваме во целост реакцијата на Левица.


„Јазикот, историјата и културното наследство се темелот на идентитетот, а преку негрижата кон нив, оваа власт тенденциозно учествува во нивно уништување, а со тоа и кон подривање на сопствениот идентитет.

На девет километри оддалеченост од градот Кичево, се наоѓа селото Подвис. Од културно-историски аспект има важно значење за македонскиот идентитет. На 23 септември 1943 година во селското училиште во ова село првпат почнала да се одржува настава на современ македонски јазик. Прв учител бил Василко Лазарески од Подвис.

Денес ова училиште кое е прогласено за споменик на културата, се наоѓа во многу лоша состојба, додека училишната зграда е целосно руинирана и оставена на забот на времето. Очигледно е дека со години никој не водел и не води грижа за овој значаен споменик за македонската историја, јазик и култура, ниту пак некој иницирал да се подобри состојбата на објектот.

Во мај 2019 година, ова училиште е посетено од советникот во Министерството за образование и наука Игор Јуруков, кој истакнал дека ќе бидат вложени напори за ревитализирање на руинираната училишна зграда – Споменик на културата, но оттогаш ситуацијата не е променета. Свесни сме дека оваа власт не само што не води грижа за македонската историја, идентитет и културно наследство, туку се наметнува и прашањето дали можеби, преку негрижа, тенденциозно учествува во уништување на сопствените историски, културни и идентитетски артефакти?

Левица, како единствена одговорна партија во Република Македонија, остро се спротивставува на ваквата индолентност и препуштање на вакви идентитетски меѓници и културни артефакти на забот на времето, посебно во овие услови кога идентитетот е сериозно нарушен од соседскиот шовинизам.

Го повикуваме Министерството за култура и Министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска на итно преземање иницијатива за реновирање на зградата и претворање на истата во музеј на македонскиот јазик.” – реагираа од политичката партија Левица.