АктуелноИнтернационалноЛокално

Систематскиот причинител на загадувањето

Кога зборуваме за загадувањето, алармантноста на ситуацијата и општествената тенденција на пренесување на вината кон индивидуата прави секоја мерка која што може да се преземе, да добие подеднакво ниво на приоритет. Возењето автомобил место велосипед стана подеднакво критикувано како несовесното избегнување на поставување филтри на оџаците од страна на големите фабрики. Пријавувањето на „загадувачи“ во Аеродром и Карпош стана поважно од спроведувањето на сериозна инспекција низ Дрисла, УСЈЕ итн. На светско ниво започнаа да се појавуваат и небулозни студии кои го обвинија имањето деца за загадувањето.

Но, токму поради алармантноста на проблемот, потребно е со ладна глава да ги разгледаме причинителите на загадувањето и да одредиме кои најмногу придонесуваат кон уништувањето на животната природа, за да можеме токму нив да ги нападнеме. Ние можеме да го направиме нашиот животен стил зелен, возејќи велосипеди, користејќи еколошки сијалици и кеси кои се рециклираат, но мораме да согледаме дека ефективноста на ваквите потфати се само во насока на перење на нашата совест, а не и на значајно намалување на загадувањето.

Се поставува прашањето: колку еколошки сијалици треба да користиме, за да го постигнеме ефектот што еден филтер на еден оџак на една фабрика би го имал? Колку кеси треба да рециклираме за да компензираме за испуштањето на отровни материи во почвите од страна на големите корпорации? Колку деца треба да немаме, колку часови на велосипед да поминеме, за да компензираме за преголемото производство на суровини и продукти кои не ни се потребни?

Да се задржиме малку на последното, бидејќи можеби е и најважно од сè. Производство на суровини кои не ни се потребни – на што се мисли со оваа фраза? Примитивистите веднаш би рекле: нам не ни е потребно ништо освен храна, вода и засолниште! Да се вратиме во пештерите и да живееме од плодовите на земјата, сето тоа во име на природата! Либералите би рекле дека никој не знае што ни е потребно. Конзервативците би молчеле, бидејќи за нив, загадување не постои.

Но, концептот е многу поедноставен од тоа, и не треба да се банализира навлегувајќи во вакви псевдо-интелектуални дискусии. Да се произведе повеќе од тоа што е потребно, едноставно значи, дека за одредена суровина има поголема понуда од побарувачка. Постојат повеќе причини зошто ова би се случило (надвор од економските кризи, кога побарувачка нема, бидејќи никој нема пари да купува), но најголемата е токму анархичноста на производството во слободниот (читај: незауздан) пазар. Таа го прави производството на суровините непланирано. Конкуренцијата прави суровината да е произведена од неколку различни компании, секоја една од нив планирајќи дека ќе продаде повеќе отколку што навистина ќе продаде. На крајот, непотребно произведените продукти се фрлаат во корпа. За џабе се загадувало за време на производствениот процес, за џабе се загадувало дур се креирале машини кои учествувале во тој беспотребен производствен процес, за џабе се загадувало за време на беспотребниот транспорт на суровините кои не се продале, за џабе се загадувало при производство на возила кои учествувале во тој беспотребен транспорт.

Можеби делува дека дискрепанцата помеѓу понудата и побарувачката не е толку огромна. Сепак, не се компаниите глупави, да произведуваат работи кои не се продаваат, нели? Вистина, не се. Нив не им е надвор од интересот да произведат повеќе, бидејќи тие се обидуваат да го преземат туѓиот пазар. А за тоа колку големи се диксрепанците, доволно говори фактот што, на годишно ниво, половина од произведената храна се фрла во отпад. Тоа не е доволно? Во САД, за секој 1 бездомен човек има 6 празни домови. А производството на 6 пати повеќе домови од што е потребно, со себе повлекува и производство на 6 пати повеќе мебел од што е потребно, 6 пати повеќе цевки за водоинсталација од што е потребно итн. На ова се мисли кога се зборува за производство на суровини и продукти кои не ни се потребни! Зошто произведуваме 6 пати повеќе домови од што е потребно? Знаеме ли колку загадува тој процес и сите процеси предизвикани од него?

Во една ваква поставеност на нештата, при достигнување на алармантни нивоа на загадување, не можеме да си дозволиме вината за загадувањето да си ја пренесуваме на себе. Зелениот животен стил очигледно не помага. Потребно е да се фокусираме на најсериозните загадувачи, било тоа да се компании или економски концепти. А откако ќе го средиме загадувањето од нив, откако ќе ги казниме тие кои загадуваат и можат да ги издржат казните, слободно можеме да продолжиме со пријавување на нашите соседи загадувачи, со користење на еколошки сијалици, со нераѓање на деца итн.