Прв регистриран случај на неисплаќање на новата минимална плата

Откако Хелсиншкиот комитет поднел барање за вонредна инспекција во ТПД ДЕ-ТЕКС ДОО Пробиштип – подружница бр. 1 Кратово и по извршувањето на бараната инспекција, утврдени се кршења на законот и работничките права. Не бил утврден нормираниот учинок, не се издавани месечни пресметки за плати и придонеси и не се исплатени минимални плати за октомври 2017 за 43 вработени.

Ова е прв регистриран случај на Хелсиншкиот комитет на утврдени неправилности и недостатоци од страна на Државниот инспекторат за труд во однос на неисплаќање на минимална плата и неутврден нормиран учинок од страна на работодавач во текстилната индустрија, по стапувањето во сила на Законот за измени и дополнување на законот за минимална плата. Со одлука на инспекторатот, газдата е задолжен во рок од 15 дена да ги исправи овие законски пропусти.

Од комитетот изјавуваат задоволство од постапката на Државниот инспекторат и апелираат до работниците почесто да пријавуваат кршење на работничките права кои им се гарантирани со закон.

Важно е да се напомене дека нормираниот учинок, самиот по себе, тежнее кон тоа драстично и неосновано да го оневозможува спроведувањето на законот за минимална плата. Недостатокот на правни регулации за негова одредба ги става работниците во незавидна позиција, каде ште газдата може да постави нереални услови за добивање на законски предвидената минимална плата. Да бидеме јасни, минатото покажува дека и да постоеја правни регулации околу начинот на одредување на нормирани учинок, најверојатно истите ќе беа заобиколени (легално или нелегално). Навистина е свирепо кон работниците, но воопшто не и зачудувачки, тоа што покрај сите поволности кои газдите ги добиваат, и законот за работа на инспекторатот повторно застанува на нивна страна, па им дава шанса да се „поправат“ во наредните 15 дена. Дали работникот би добил шанса да се „поправи“ доколку не го задоволи нормираниот учинок одреден од неговиот газда? Секако дека не, бидејќи функцијата на државниот апарат, како што многупати досега се има покажано, не е да ја штити работничката класа, туку профитете на оние кои неа ја репресираат и експлоатираат, и токму тие се оние кои добиваат бенефиции и шанси.