Продолжува крчмењето на народните пари и од новата Влада на Ковачевски
- Реакција на Левица – Сектор енергетика.
Владата на Република Македонија на денешната седница го задолжила АД ЕСМ да отпочне процес за потпишување на Договорите за реализација на Меморандумот за разбирање склучен помеѓу АД ЕСМ и Гастрејд С.А поврзани со најавените проекти во Александропулос, Република Грција.
Ја потсетуваме јавноста дека се работи за проекти кои се од областа на енергетиката и се наоѓаат на туѓа територија, а се во вредност од преку 750 милиони евра.
Левица, на 05.04.2021 година, преку реакција, ја повика тогашната влада и државната АД ЕСМ, а се во интерес на јавноста, детално, по ставки, да образложат: каде, за што и колку точно ќе вложуваат граѓаните на Македонија преку Буџетот на државата?
Меѓу другото, овој повик е и поради фактот што во изјавите на челниците на тогашната Влада беа спомнати нереално високи суми за вакви инвестиции. Имено, тогашниот премиер изјави дека Владата ќе учествува со 380 милиони евра, односно 25% влог во гасна централа за производство на електрична енергија со инсталирана моќност од 800 MW, што значи дека Македонија ќе вложи 380 милиони евра за 200 MW инсталирана моќност.
Ако се знае дека цената за изградба на гасна централа се движи нешто помалку од 800 илјади евра за еден MW инсталирана моќност, излегува дека државата треба за 200 MW инсталирана моќност во Грција да плати 1.9 милиони евра за еден MW инсталирана моќност, или дупло повеќе од реалната цена.
Левица го реафирмира повикот до одговорните да образложат која е потребата да се инвестира во енергетски објекти надвор од територијата на Република Македонија.
Или можеби се работи за разликата во цена за изградба на гасната централа, која изнесува околу 220 милиони евра и тоа на штета на Буџетот на државата. Левица е изричито против инвестирање во вакви капацитети надвор од државата.
Целта на Левица е јасна, сите енергетски потенцијали на територијата на Република Македонија да бидат изградени од Буџетот на државата, а со тоа да се во сопственост на народот.