Македонска година за европски датуми

  • Пишува: Амар Мециновиќ – Портпарол на Политичката партија Левица.

МИНАТАТА 2021-ва година, во македонската политичка антологија ќе биде подвлечена поради три големи плуралистички пресвртници. Првично, плурализмот е за прв пат оплеменет со политичка партија од средна големина, со што отпочна промената во рамнотежата во левиот политички блок како втора пресвртница, и најпосле, преку пасокизација која отпочна на есенските локални избори. Третата пресвртница, резултатите од локалните избори, претставуваат заокружување на историскиот период помеѓу 1996 година до 2021 година. Во оваа временска инстанца, во македонскиот политички систем се забележува феномен на условеност на резултатите на локалните избори со парламентарните кои им претходат. На секои избори, освен минатите, партијата која победува на национално ниво, секогаш освојува повеќе градоначалнички мандати, со нагорна тенденција со секоја последователна парламентарна победа.

Затоа, година по парламентарната победа на СДСМ во 2016 година следеше победа и на локалните избори. Дегутантното владеење на Зоран Заев кој го обележа насилничката и недемократска промена на уставното име, зачленување во НАТО, безбројните скандали со коруптивно влијание, подјармување на правдата и кршење на човековите права како дел од низата злосторнички политики – кулминираа со тенка победа на изборите во 2020 година во склоп на широка коалиција, под велот на првичното бунило од коронавирус пандемијата. Како никоја Влада претходно, легитимитетот го соголија низа човечки трагедии во рок од една година  – како купола над сета злосторничка работа на режимот, за на локалните избори оваа есен да се предизвика прелом во историската хронологија на нашиот политички систем.

За Левица, отпочнатата пасокизација на СДСМ мора да се доведе во прогресивна фаза при обезвластување, затоа што десниот политички блок е етабилиран. За македонската политичка култура, потребно е природно созревање на левата политичка мисла со идеолошки диференцирана политичка платформа како пандан на анахронистичките политики на СДСМ и ДУИ, чии либертаријански економски политики и поданичка надворешна политика постојано го стимулираат десничарскиот политички дискурс – за понатамошна дезориентација на работничката класа. Сепак, преку парализа на проектираната вредност на претставничката демократија, категоријата на легитимитет се замени со макијавелистичка злоупотреба на легалистичката рамка на четири годишниот мандат на нестабилното собраниско мнозинство.

Покрај тектонските пореметувања во македонската внатрешна политика во претходната година, јавниот дискурс се заокружи на надворешна нота. Најслатката лага, и инструмент за мануфактура на согласност и лажен легитимитет – европскиот сон, ги облеа нашите мисли во декември и покрај тековната енергетска криза. Лагата во која веќе никој не верува повторно не се оствари. Бугарското вето, опеано во колумни, есеи и академски излагања, е ништо друго освен резултат на неплодната и поданичка надворешна политика на Македонија. Прво, кусогледа и офанзивна на Груевски, потоа и квислиншка на Заев.

Интуитивното знаење дека европскиот сон е лажно ветување на овие ретроградни структури е задоволително, затоа што е апсолутно. Но, за колку е очигледна лагата, можеби најзгодно е да разгледаме каква ќе биде европската политика во првите шест месеци од 2022 година.

СЛУЧАЈНО, европската политика исто така оваа година ќе решава за надворешни теми. Европската Унија оваа година ја чекаат предизвици за суштинско етаблирање како локус на геополитичко влијание во новонастанатиот мултиполарен свет. Во годините на настанување на овој свет, Европската Унија успева да маневрира околу тенката линија за одржување на економското партнерство со Кина, истовремено неотуѓувајќи се од синофобичниот Вашингтон. Токму федеративната надворешна политика го сочинува традиционалното жешко прашање во Брисел – како последна спрега за комплетирање на физиологијата на самостоен европски геополитички „Бехемот“.

Оската внатрешна – надворешна политика во јукстспозиција ги отсликува истовремените суб-федерални и над-федерални позиции на земјите членки, така што поединечните надворешни политики преку правото на вето имаат легалистичка вертикална инерција над политичките холистички тенденции – додека правото го користат како резултат на своите внатрешни политики. Често правото на вето се користи, или парадира, за националната Влада предизборно да ја стимулира националната внатрешна политика со обиди за гласачки осцилации – како што е случајот со новонастанатата загатка помеѓу Скопје и Софија. 

Посебноста ја отсликува цитатот на професорот по политологија Р. Даниел Калеман: “Иако ЕУ своите крупни одлуки ги носи на принцип на мнозински консензус, надворешната политика почива на правото на вето на земјите членки”. Во најпроста форма, надворешната политика на европскиот супер-блок почива на позитивното расположение кон правото на вето кое земјите членки сакаат да го задржат. Во нашиот случај, дипломатската наклонетост на многу европски членки не беше пресудна за да не доживееме насилничка кочница – иако нашите дипломати дозволија доброто расположение во Европа да се неутрализира како што изминува времето и не пристапија кон разговори со други пријателски земји од словенскиот блок во Европа за да се надмине можноста од вето.

МАГНИТУДАТА на расцепот во разумот на политиката на СДСМ и ДУИ со предновогодишната европска лага, многу сликовите се забележува ако ги земеме во предвид околностите на тековното преседавањето на Франција со Европската Унија. За разлика од сите земји членки, на француската и германската политика во европски контекст секогаш постои историска фуснота, затоа што стабилноста на европскиот континент е можна само кога интересите на двете најголеми континентални нации приближени. Крајот на Втората светска војна е само дел од приказната која се протега од Наполеоновите војни, па назад преку Франко-прусиската и Првата светска војна. Од тој аспект, двете земји ги имаат најголемите интереси за функционирање на Европската Унија како единствен геополитички ентитет. За разлика од НАТО, унијата не е анахронизам од добата на ладната војна, затоа што долгорочно интересите на воената алијанса и Европската Унија се разидуваат. 

Франсуското преседавање со ЕУ (FPEU) се случува кога на чело на државата стои Емануел Макрон, поборник за геополитичка Европа која ќе биде ослободена од условеноста на стратешките интереси на САД. Toj во април ќе настапи на Претседателските избори во обид за добивање на нов мандат и затоа мора да ја претстави ЕУ како силен ентитет кој ги негува и француските интереси. Секако, ова влијае на целите на француското претседавање – да ја потврди визијата на Макрон и да ги избегне прашањата кои имаат осетлива позиција кај француското јавно мнение. Ова значи консолидација и афирмација на статус квото, па затоа проширувањето ќе биде ниско на листата на приоритети. На 9-ти демекври, Макрон најави дека оваа година ќе биде во знакот на промена на траекторијата по која се движи ЕУ во насока на „[Европа] силна и суверена, слободна во својот избор и господар на својата судбина“. Индикативно, на самитот во март тој се надева дека земјите членки ќе го одобрат отпочнувањето на процесот наречен „Стратешки Компас“ – оперативна рамка за донесување на одлуки за безбедноста – ЕУ со активна војска и заедничка стратешка политика.

Француското преседавање со ЕУ има во предвид три приоритетни области: воспоставување на минимална плата единствена за сите земји членки, регулација на големите технолошки корпорации и воведување на данок на јаглен за продуктите кои се увезуваат, во зависност од нивниот еколошки импакт. Од големо значење ќе биде и најавената ревизија на Мастрихтскиот критериум за Европски дефицит, така што ќе се дозволи на земјите членки да се задолжуваат повеќе за инфраструктруни проекти и одбрана независна од НАТО алијансата. 

Сите овие предвидувања се на линија на надворешна афирмација на ЕУ и внатрешно вкоренување на чувството на контрола над својата судбина. За Макрон е ова неопходно затоа што во последната деценија политичките партии од левиот центар доживуваат колапс и понижувања на националните избори. Во Франција, социјалиситичката партија е со рејтинг од под 10 отсто, холандските лабуристи на изборите во 2017 година доживуваат клиничка смрт, италијанската работничка класа прибегува на десно. На априлските избори, неговите центристички позиции ќе се стават на тест пред гласачкото тело наспроти три десничарски кандидати – кои значат и крај на приказната на тековната француска политика. Овој тренд во Европа е одраз на понижувањето кое политичките партии од „третиот начин“ беа оние кои за време на економската криза од 2008 година ги воведуваа мерките за штедење и директно ја нападнаа работничката класа.

Додека Европа чека пресвртница, ние очекуваме караванот да се врати по нас – слепи и глуви на фактите кои укажуваат дека секое проширување ќе ги дестабилизира политичките трендови во ЕУ. Тоа што сите работи укажуваат на ваква разврска на годината, тоа нема да влијае на фактот што нашите власти во оваа година ќе настапат со наратив за искористување на непосредната шанса за добивање на датум за отпочнување на преговорите. Датум нема да има, и наместо во меѓувреме да се негуваат дипломатсите односи со земји членки со кои ќе може да се надмине бугарското вето, како и со земји надвор од европскиот блок, нашата Влада ќе продолжи со неплодната политика. Во овој контекст, изјавата на загрижениот Никола Димитров за пристапот на Бујар Османи кој безусловно сака да го ,,реши” спорот со Бугарија, ни укажува на мотивите на сегашниот министер. Кој друг подобро би знаел како е кога сакаш закитување на сопственото политичко разиме со овие ,,успеси”?