Мицкоски: Иван Ванчо Михајлов бил претседател на ВМРО и фашистички сојузник

Во интервју за Република, Христијан Мицкоски, зборувајќи за измените на Законот за здруженија и фондации објаснува дека ВМРО-ДПМНЕ биле иницијатори за овие измени и треба веднаш да се тргне кон затворање на тие клубови, не затоа што се именувани по фашистички соработници, тука затоа што македонскиот клуб кој беше отворен во Бугарија, веднаш беше затворен.

„Затворањето на бугарските клубови не е од причина зашто некој бил или не бил соработник со некој режим. Тоа е поради политички реципроцитет. Ако Македонците во Бугарија не можат да имаат свој клуб каде што културно ќе се организираат или да имаат права кои се резултат на пресудите на Судот во Стразбур, јас не гледам ниту една причина зошто овие 1500 граѓани на Македонија кои се декларираат дека бугарскиот јазик им е мајчин да имаат таков клуб и да се организираат во Македонија. Дали е тоа клуб Иван или Ванчо Михајлов или е Цар Борис Трети за мене во политичка смисла е сеедно. И двата треба да бидат затворени, а трет и не треба да се дозволи. Кога зборуваме за политички реципроцитет, тогаш не треба ниту еден клуб да биде оставен отворен бидејќи на нашинците во Бугарија не им е овозможено да имаат свој клуб.“

Мицкоски го повтори неговиот став дека Ванчо Михајлов е дел од континуитет на ВМРО-ДПМНЕ, и дека соработувал со фашистичките и нацистички структури.

„На Кичевскиот конгрес во 1995 година донесена е одлука со која што се признава континуитетот на историското ВМРО и современата ВМРО-ДПМНЕ со Првиот конгрес во 1991 година во Прилеп. Започнувајќи од Првиот конгрес во Ресен сè до осмиот во 1932 во Горна Џумаја па почнувајќи со првиот во Прилеп или деветиот во континуитет завршувајќи со седумнаесетитиот во Скопје. И да, дел од овие конгреси и претседател на ВМРО во историска смисла на зборот е Иван Михајлов. И да тој бил во егзил во Загреб каде што живеел и соработувал со тогашната НДХ која била фашистички односно нацистички сојузник. Јас не се согласувам со тоа како тој ја управувал таа партија или организација во тоа време, како се однесувал и со кого соработувал. Како што можеби за некој по неколку децении нема да се согласува со тоа како јас или некои од моите претходници ја водел ВМРО-ДПМНЕ во историска смисла. Но ова е континуитет на една организација која што во современото време станува политичка партија.“