Во повторна борба македонски народе

  • Пишува Јован Јанев – Студент на Правниот факултет при Универзитет Гоце Делчев – Штип

“Слобода немаме, правдини никакви, кога ги баравме в затвор се најдовме” е стих што секогаш ми ја растресува мојата душа, ме подига па ме удира, ме тишти па ме охрабрува. Колку повеќе созревам и растам како да повеќе го сфаќам овој стих, како да расте со мене и во мене. Што е толку тоа што секогаш го бараме, а в затвор се наоѓаме, дали тоа нешто некој го поседува? Дали некој тоа наше нешто го стопанисува го врти и го извртува? Тоа нешто чинам, се вика слобода, а ја имам ли и  дали ја имаме? Ако се водиме на тоа дека сегашноста е огледало на минатото тогаш, мислам дека нашето огледало напукнало на неколку места или пак нашето огледало го нема.

Страотно е дека слободата наша е во сандак заклучена со клуч, а тој клуч никако да го фатиме во раце, да го опипаме, да го почувствуваме. Страотно е дека „демократијата” која е чувството на слободата во која патем демократија и ние живееме, ниту ја имаме помирисано, погалено и погледнато.

Од ден на ден, како да има нов сопственик на тој клуч, сакаш тој бил османлиски, бугарски, германски сакаш бил и европски. И додека го бараме одговорот на „Кој ќе ни го даде клучот” или пак “Кој ќе оди да го земе” креираме и бираме поданици на оној кој империјалистички и лакомо клучот си го вртка на својот прст и понекогаш ќе сака и ушето со него да си го почеша.

Колку повеќе време поминува размислувам на ова прашање, “Како до нашиот клуч”, како в затвор да не се најдам ако на оној лакомиот му побарам да ми го врати, како да му побарам и да го прашам дека сакаме да бидеме слободни, а тој мене да не ме погази? Нели живееме во слободна земја, зарем немаме право на слобода на говор и мисла?

Па народе мој, сопственикот никогаш нема да сака кутрите робови негови да стануваат паметни и непослушни, тој никогаш нема да ги одврзе алките и прангите со кој си го држи својот плен, само ќе не тапка, ќе не храни онолку колку да бидеме сити, ќе ни ветува но ќе заборави, ќе не казнува и никогаш нема да ни прости. Ќе се смее на болката наша додека му паѓаат лиги од бифтекот срнечки што го јаде.

Затоа, кога ќе ја слушнете Слобода немаме, правдини никакви, кога ги баравме в затвор се најдовме, во себе тивко а толку многу гласно запејте ја “Во борба, во борба, во борба македонски народе ” нека трешти во главата, нека одзева, нека крвта клокоти затоа што, ЕДЕН ДЕН прангите и синџирите ќе ги нема, а НАШАТА ВРЕЛА КРВ в затвор ќе ги стави оние кој клучот сеуште не го даваат.

Биди буден народе, биди спремен, еден ден ќе бидеш слободен.