Кубанската солидарност предничи пред капиталистичката себичност во справувањето со пандемијата

Без разлика на тоа што шест децении наназад се соочени со санкции и ембарга од САД, Куба успеа да вакцинира речиси 90% од населението со вакцините кои ги произведува и за кои гарантира самата држава.

Од друга страна, најголемиот дел од богатите капиталистички земји, (вклучително земјите од ЕУ, Велика Британија како и САД), имаат вакцинирано околу 60% од нејзиното население, патем, со вакцини кои ги произведуваат приватните фармацевтски компании, за кои во случај на негативни последици државата ништо не гарантира.

Последната публикација во индискиот „People Dispatch“, наведува дека Куба ја покажува својата солидарност преку трансфер на технологија и испорака на вакцини за земјите во развој, обезбедувајќи алтернатива за хегемонијата намената од големите фармацевтски компании. Додека пак од друга страна, најголемиот дел од богатите капиталистички земји, не сакаат да се откажат од правото на патент за клучните лекови во борбата против пандемијата, ставајки го профитот на компаниите пред здравјето на луѓето.

Куба успеа да го вакцинира својот народ со помош на домашни вакцини. Тие успешно развија пет автохтони вакцини од кои „Abdala, Soberana 02 и Soberana Plus“ се одобрени и се во употреба. Другите две – „Soberana 01 и Mambisa“ – сè уште се во клинички испитувања и допрва треба да бидат одобрени.

За вакцините кои ги се произведуваат во земјата, Куба отворено ги споделува знаењата и технологијата за нивно производство, што е во целосна спротивност со работата на големите фармацевтски компании во развиените капиталистички земји, кои одбиваат да споделат техничко или било какво друго знаење за овие лекови, и целосно се фокусирани на сопствениот профит.

„Куба не само што успеа да го вакцинира поголемиот дел од своето население, вклучително и децата, туку почна да ги испраќа овие вакцини во другите земји што ги одобриле“, се вели во публикацијата од „Peoples Dispatch“.

Венецуела, Виетнам, Иран, Никарагва, Аргентина и Мексико се меѓу земјите кои ја одобрија или изразија интерес за кубанската вакцина. Мексико неодамна ја одобри употребата на кубанската вакцина „Abdala“, а не е исклучено и одобрување на уште некоја од останатите вакцини.

Куба, исто така, постојано испраќаше свои лекари и медицински персонал во различни земји ширум светот за да помогне во борбата против пандемијата, особено во африканските земји кои се особено погодени од пандемијата. До април 2020 година, тие испратија повеќе од 1.200 медицински персонал во 22 земји, вклучувајќи ги и државите од Европската Унија.