Нов закон за урбана мафија во скратена постапка?

Новиот предлог-закон за урбанистичко планирање е донесен од Владата на седница на 27 април, а тој сега со потпис од министерот за транспорт и врски е пратен во собраниска процедура. Измените на Законот за урбанистичко планирање, се однесува на два исклучока, кога може Деталниот урбанистички план да не биде во согласност со Генералниот урбанистички план.

Односно, предложените промени се однесуваат на член 35, во кој се наведува дека деталниот урбанистички план или дел од деталниот урбанистички план што не е усогласен односно е во спротивност со одредбите од Генералниот урбанистички план, не може да се применува. Но, сега со измените се наведува дека по исклучок од овој став детален урбанистички план, донесен согласно генерален урбанистички план кој престанал да важи, може да се применува кога:

1.Намените утврдени во деталниот урбанистички план се во согласност со намените утврдени во новиот генерален урбанистички план;

2. Во новиот генерален урбанистички план е планиран променет профил на сообраќајната мрежа во однос на деталниот урбанистички план доколку со реализација на планираните градби или деловите од планираните градби од деталниот урбанистички план не се попречува реализацијата на сообраќајната мрежа од новиот генерален урбанистички план.

Ваквите измени, кои се носат во скратена постапка, ја отвора можноста за изградба на висококатниците кај „Холидеј Ин”, затоа што токму неусогласеноста на Деталниот урбанистички план со Генералниот урбанистички план е една од точките кои јавноста ги спори. Таму планот за 8,8 пати ги надминува параметрите во однос на површината за домување и бројот на жители определени во актуелниот ГУП за Град Скопје.

Овој предлог-закон следи после заедничкото гласање на власта и дел од опозицијата за легализација на дивоградби, кој закон беше повлечен од Владата после силните реакции од јавноста.