Парадоксот на заборавањето: благослов на природата, проклетство во политиката

  • Пишува: Тамара Јованов – Апасиева –  Професорка на Економскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – во Штип

„Оние кои не се сеќаваат на минатото, се осудени да го повторуваат“ – Џорџ Сантајана

Едно од златните правила на маркетингот како наука која го движи светот е „повторувањето е мајка на знаењето“ или во контекст на капитализмот и политиката „лагата повторена 1000 пати станува вистина“.

Суштината е дека на капитaлизмот му требаат конзумеристи, а на политичките елити им требаат гласови за одржување на моќта, поради што пораките кои се пласираат се информации кои многу поретко го издигнуваат човекот како мислечко суштество, а многу почесто се погодни за нарачателот, со цел да се создаде посакувана перцепција која ќе резултира во крајна согласност за идеја, производ или власт.

Сето ова немаше да е страшно, да не беше поврзано со фактот дека е возможно поради нашата несовршена и недоволно позната на пошироката јавност човечка природа, која доколку не ја осознаеме и контролираме свесно, работи против нас.

Во контекст на ова, потребно е да го освестиме заборавањето.

Како природен дел од механизамот на човековата меморија, заборавањето воедно е и благослов и проклетство. Нашиот ум е природно склон да ги преработува огромните залихи информации, отфрлајќи го притоа она што се смета за помалку важно, за да се направи простор за нови искуства и знаења. Овој адаптивен механизам ни овозможува ефикасно да функционираме во секојдневниот живот, заштитувајќи нè од прегорување во случај да се сеќаваме на секоја ситница.

Во психологијата, на заборавањето му се признава и одредена терапевтска вредност во ублажувањето на лични трауми и олеснувањето на емоционалното заздравување. Според Фројд, репресијата во меморијата е одбранбен механизам со кој болните сеќавања се потиснуваат во несвесниот дел од умот, за да се заштити поединецот од вознемиреност, што може да биде и полезно за психолошката благосостојба.

Во истражувањето за заборавањето, важно е да се разберат неговите когнитивни основи. Во книгата „Седумте гревови на меморијата“, психологот Даниел Шактер го разграничува заборавањето во различни категории, според начинот на кој нашиот ум може да нè изигра:

  • Минливост: тенденција на сеќавањата да избледат со текот на времето. Информациите, спомените, активностите кои не се редовно повторувани или вежбани или стануваат побледи и помалку детални. Минливоста е адаптивна карактеристика на меморијата, која ни овозможува да се фокусираме на позначајни информации, а ги отфрламе помлаку значајните или застарени детали.
  • Отсуство: се јавува кога не успеваме да кодираме или да добиеме информации поради пропусти во вниманието или фокусот, кога нашето внимание е поделено на повеќе задачи. Секојдневните примери вклучуваат заборавање каде сме ги ставиле клучевите или неуспехот да запомниме нечие име набрзо откако сме биле претставени.
  • Блокирање: подразбира привремена неспособност да се потсетиме на нешто, иако знаеме дека е складирано во нашиот ум. Познато е и како феномен „на врвот на јазикот“. Блокирањето може да се случи поради пречки од слични или конкурентни мемории, што предизвикува саканата целна меморија да не е моментално достапна.
  • Погрешно припишување: значи припишување меморија на погрешен извор или контекст. На пример, кога погрешно веруваме дека сме слушнале вест од доверлив извор (релевантна институција или медиум), кога таа всушност доаѓа од помалку веродостоен извор (ни кажал другар). Погрешно припишување може да се појави кога изворот на меморијата е заборавен или кога сеќавањата од различни извори се мешаат со текот на времето.
  • Сугестибилност: подложноста на меморијата на изобличување или манипулација од надворешни влијанија. Ова може да се јави под влијание на наведувачки прашања, сугестивни забелешки или лажни информации.
  • Пристрасност: се однесува на тенденцијата на меморијата да биде под влијание на претходно постоечки верувања, ставови, искуства или очекувања. Ова може да се манифестира во различни форми, како што е селективна меморија за информации што ги потврдуваат нашите постоечки верувања (пристрасност за потврда) или ретроспективно искривување на минатите настани, за да се усогласат со нашиот сегашен светоглед. Пристрасноста вусшност ги обликува нашите сеќавања и перцепции за реалноста, што често доведува до искривувања или неточности.
  • Упорност: се однесува на неволно повторување на несакани или трауматски спомени. Вклучува наметливи мисли, повторливи кошмари поврзани со минати трауми или вознемирувачки настани. Може да има негативни ефекти врз менталното здравје и благосостојба.

Шактер, меѓудругите, ни нуди знаење преку кое можеме да ги испитаме и општествените импликации на заборавањето, особено во контекст на политиката.

Во здраво општество, добро едуцирано и информирано граѓанство е камен-темелник на функционалноста и праведноста во тоа општество. Токму затоа, заборавањето може да биде опасно, особено кога поединците подлегнуваат на колективна амнезија, заборавајќи ги притоа случувањата и лекциите од историјата и замаглувајќи ги границите помеѓу фактите и фикцијата. Во таков случај, заборавањето е проклетсво со кое самиот човек кој заборава е негова жртва.

Опасностите од колективното заборавање во едно општество се манифестираат на различни начини:

  • Колективната амнезија ја уништува одговорноста. Политикологот Дејвид Ранциман, во книгата „Замката на довербата: Историја на демократијата во криза од Првата светска војна до денес“, преку брoјните примери посочува дека општествата кои не се сеќаваат на погрешните чекори на нивните лидери во минатото, се осудени да ги повторат. Со намалување на значењето на неправдите од минатото или замижување пред системските неуспеси, граѓаните ненамерно ги охрабруваат бескрупулозните и нечесните да влегуваат во политиката, создавајќи пат за грабеж, угнетување и тиранија.
  • Колективното заборавање е еден од директните причинители на колективната апатија. Кога поединците ќе станат отрпнати на политички малверзации или ќе се предадат пред статус кво, тие се откажуваат од својата улога на одговорни граѓани. Апатијата пак, го создава и одржува магичниот круг на раздвојување на индивидуата од нејзнината иманентна политичка природа, дозволувајќи на тој начин преку незаинтересираноста да расте корупцијата и да се уништуваат јавните институции и добра.
  • Заборавањето создава нереална и преголема самодоверба кај новите политички лидери. Прекумерната самодоверба пак, води до нивна вообразеност и заслепеност за ризиците и ограничувањата на нивните политики или акции. Прекумерно самоуверените лидери секогаш завршуваат со непромислени потфати, во кои ги игнорираат предупредувачките знаци за претстојните кризи. Типичен ваков пример во политиката имаме години наназад кај нас.

За да се заштитиме од опасностите од заборавот во политички контекст, императив е да се негува култура на сеќавање. Со намерното, свесно сеќавање на минатите неправди, ние не само што им оддаваме почит на оние кои страдале, туку и ја зајакнуваме колективната решителност за спроведување на принципите на правда и рамноправност.

Начини на кои можеме да практикуваме свесно сеќавање (барем на индиивдуална основа, ако не колективно) се:

  • Редовно потсетување на важни информации, за да ги зајакнеме трагите во меморијата.
  • Обраќање поголемо внимание на активностите во околината, за да ги намалиме пропустите во вниманието.
  • Критичко проценување на информациите и проверување на нивниот извор, за да избегнеме погрешно припишување спомени или факти.
  • Правење разлика помеѓу искуства од прва рака и информации од втора рака, за да ги минимизираме грешките на погрешно припишување.
  • Предизвикување на сугестивни информации или наведувачки прашања, за да се заштитиме од влијанието на надворешни фактори врз меморијата.
  • Проверка на точноста на сеќавањата со доказ за потврдување или повеќе извори на информации.
  • Практикување когнитивната флексибилност – отворен ум и спремност да се разгледаат алтернативни перспективи, за да се ублажи влијанието на пристрасноста.
  • Критичко размислување – проценување на информациите и воочување на сопствените предрасуди, за да го минимизираме нивното влијание врз сеќавањето.

Негувањето на чувство на историска свест и критичка мисла е важно во имунизирањето на општеството против привлечноста на демагогијата и авторитаризмот. Преку соочувањето со непријатните вистини и борбата за сувереност, независнот, унитаност, самоопределување и право на постоење и достоен живот, ние се опремуваме со интелектуална цврстина да ја разликуваме вистината од лагата и да се спротивставиме на слатките лаги, кои иако звучат пријатно, нема да произведат вистина.

Додека како поединци можеме да најдеме утеха во привремено заборавање на траумите од минатото, општеството не може да си дозволи да се препушти на колективна амнезија кога се соочува со системски неправди и политички малверзации.

„Иднината зависи од она што го правиме денес“, а во нашите дела не смееме да ја заборавиме нашата должност кон идните генерации.