АктуелноИнтернационално

НАТО сојузниците ги вооружуваат воените структури на Косово – Дали има повод за војна?

Спротивно на Резолуцијата 1244 на Советот за Безбедност при ООН, а со помош на НАТО сојузниците, во прв ред САД и Германија, последните неколку години активно се работи на вооружување на армија во Косово. Во сегашната форма воспоставена на 14 декември 2018 година, Безбедносните служби на територијата на Косово практично претставуваат меѓуфаза во процесот за создавање Армија што е спротивно не само на резолуцијата на ООН туку и на сите досегашни билатерални и мултилатерални договори склучени помеѓу Белград и Приштина.

Брзото вооружување е особено истакната изминатите неколку месеци. Во јуни годинава Косово, иако со статус на делумно признаена држава, доби 6 од вкупно 70 примероци од оклопното возило М1117 Guardian кое е од американско производство. Претходно, во 2018 и 2019 година тие исто така добија 188 примероци од лесното воено возило на четири точки Humvee. Тогаш официјални лица од Приштина најавија дека во соработка со САД ќе отворат производствени капацитети во Косово за производство токму на ова воено возило. 27 примероци од вкупно 188 беа донација од САД и тоа во пресрет на скандалозната трансформација на „безбедносните сили на Косово“. Останатиот дел од вооружувањето тие го добиja по многу повластена цена.

Во јули годинава од Турција до Приштина беше испорачана првата пратка од воените оклопни и полу-оклопни возила од брендовите на BMC и Otokar. Во наредниот период се очекува од Турција да пристигнат вкупно 77 примероци. Во меѓувреме на територијата на Косово пристигнаа повеќе видови на воени возила од Италија, Германија, Австрија и Велика Британија и тоа од брендовите Iveco, Mercedes-Benz, Achleither и MB Man. На официјална Приштина исто така и беа испорачани и повеќе примероци од снајперски, автоматски и полу-автоматски пушКи произведени во САД, Германија и Белгија.

Овој чин на брзо вооружување од геополитички аспект претставува и вид на алатка за дипломатски притисок врз Србија која последните години има значителна соработка со Русија и Кина. Како противтежа, Србија периодов склучи повеќе воени договори со Русија, а според истите ќе бидат набавени повеќе транспортни хеликоптери MI-35M, MI-17B5, систем за против воздушна одбрана, противтенковски ситеми Корнет, а Министерството за одбрана на Република Србија планира да изнајми една ескадрила јуришни авиони SU-25SM3. Србија, исто така, има план за набавка на S-400 системите, но и за модернизација на S-300. 

Вооружувањето на двете страни, особено онаа на Косово која полека, но сигурно станува една од поопремените, барем во споредба со оние на Македонија, Црна Гора, Албанија и Босна и Херцеговина отвора неколку прашања и дилеми од безбедносен карактер – дали се подготвува војна и дали има повод за истото?