АктуелноЛокално

Геополитички и геостратешки цели на Република Македонија

Пишува: Амар Мециновиќ – дипломиран политиколог. 


Објавата на овој есеј е условeна од отсуството на академско или политичко формулирање на целите на Република Македонија во геополитички и геостратешки контекст. Во структурата е поделен на три дела и е замислен како кус манифест за геополитичката актуелност. Првиот дел се состои од контекстуален приказ за геополитиката на Балканот и Македонија. Вториот дел е геополитиката на Македонија во 2021 г., додека третиот се состои од практични маневри за реформирање на македонската дипломатија.

I – Геополитика на Балканот и Македонија

Географските, економските и демографските одлики на Балканот се вкалапени под влијание на западниот (временски условено – и источниот) империјализам на европскиот континент. Овие одлики често се вклучени во шовинистички синтези на западните автори (пр. Мишел Сивињон за кој Балканот е sui generis територијален феномен кој бара соработка на заемно непријателски елементи). Но, надвор од културолошките претпоставки, географско-историската (и политичката) условеност на Балканот е: според Јован Цвијиќ – Евроазискиот карактер на географската комуникација и соработка; според Димитри Поулаос – северна Далмација како контакт на латинските, германски и словенски култури како и постоењето на источно и западно муслиманско население; според Владимир Дедијер – влијанието на Отоманската, Австроунгарската и Руската империја во рамнотежата на моќ на Балканот; како и геостратешката положба во контекст на геостратешките концепти Rimland (Николас Џон Спајкман) и Heartland (Халфорд Џон Мекиндер).

Највлијателната политичка одлика на Балканот која ја следи во сите судбински разврски е доцното раѓање на национални држави поради присуството на империјализам на полуостровот. Во процесот на национализација на политичкиот дух во Европа, кој се случува под чадорот на заедничките јазици – како нова етапа на историскиот детерминизам, на Балканот тој се одложува и покрај тенденциите за раѓање на држава на говорниците на јужно словенските јазици, поради окупацијата на територии како Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска итн. Овој сплет на околности придонесува кон фрагментација на концепциите за национален карактер по микроидентитетски основи – концепт на изолација и одделување на Јован Цвијиќ.

Централната поставеност на (Вардарска) Македонија помеѓу Динарските Алпи, Родопите и Шар Планина и придава две географски карактеристики – природна одбранбеност, и централна улога во трговските патишта помеѓу Европа и Блискиот Исток (проф. Ирена Ставови-Кавка). Комуникациските рути се на оска исток – запад, кон Истанбул и кон Јадранското крајбрежје. Но, најзначајната географска одлика на Македонија, во денешен контекст и најзначајната комуникациска рута на Балканот, е трасата Вардар – Морава која го спојува Солунското пристаниште со Дунав (Гибаш-Крзак). Во историјата, преку примерите на османлиското освојување се потенцира дека оној кој владее со оваа територија, секогаш ќе игра битна улога во Балканската политика (Ј. Цвијиќ).

II – Геополитика на Р. Македонија во 2021 г.

Поразително е да се признае, од безнадежност, дека Р. Македонија во овој момент практично не проектира никакво геополитичко и стратешко значење. Поради доследност во аргументацијата, правилно е да се окарактеризира меѓународната и регионалната клима за Македонија во почетокот и долж 90-те како објективно тешка, но секоја политичка одлука како првобитен одговор, па понатаму и како засебни инстанци на политички одлуки, се погубни и неумешни кога станува збор за надворешната политика како одраз на внатрешната. Сликовито е што недостатокот на очевидни сојузници на почетокот 90-те, од временост прераснува во трајност, па така Македонија и понатаму нема вистински сојузници. Ваква паралела постои и помеѓу стремежите на „новородената“ Македонија за политичко и воено сојузништво, со стремежите на оваа триесетгодишна Македонија која на крајот на минатата деценија против вољата на своето население го склучи военото сојузништво со НАТО.

По недостатокот на сојузници и некадарноста за оствaрување на стратешки цели, како трет елемент на македонското perpetuum mobile е еконмската стагнација. Во воведот на „Enhanced Structural Adjustment Facility, Medium-Term Economic and Financial Policy Framework Paper, 1998–2000“  – документ на Светскиот Монетарен Фонд се наведува дека „… од 1994 г. македонската влада спроведува крупен програм за реставрирање на макроекономската стабилност со цел брза транзиција кон пазарна економија … намалувањето на произвнодните капацитети по независноста е прекинато … врските со сите надворешни кредитори се нормализирани, и имплементирана е екстензивна агенда на структурална реформа“. Додека во документот на Светската Банка „Implementation Completion Report (ICR) for the Structural Adjustment Loan and Credit for the former Yugoslav Republic of Macedonia“ кој се однесува на две позајмувањата од 1997 г. во износ од 60 милиони долари за отпочнување на структурална промена на македонската економија во поглед на приватизација и развој на приватниот сектор се наведуваат конкретни насоки за „… понатамошна либерализација на пазарната политика преку промена на царински политики … рационализација на увозни даноци; елиминација на квоти за увоз и извоз; зајакнување на режимот за извоз … реформи во земјоделството преку: намалување на интервенции во регулација на цени; прекинување на субвенционирање …“ итн.

Според трите главни индикатори за макроекономски разој: степенот на инфлација, невработеноста и порастот на БДП, Р. Македонија се смета за економски стабилна земја – ако ги одземеме природните очекувања за развој на нова држава. По структуралните поместувања кон крајот на 90-те, од 2002 г. до 2008 г. Македонија бележи просечен степен на пораст на БДП од 4,3%, додека по 2009 г., па до денес оваа бројка изнесува 2.1%, укажувајќи на апсолутна стагнација. Но во духот на овој есеј, нам ни е потребно да го забележимее неспособното раководење со ресорите за финансии и економија на претходните власти – дваесет години по потпишувањето на овие неолиберални реформни пакети, економијата на Македонија не создава предуслов за геополитички поместувања на улогата во регионот.

Сепак, крајната фаза на девалвирањето на геополитичкото значење на македонската држава се содржи во низата одлуки на македонската влада по падот на Никола Груевски. Неспособноста на нашата дипломатска традиција се отсликува преку поставувањето на европски политички преседан – успех на самоукинување на државен континуитет и откажување од сопственото право на самоопределба. Капитулација пред наметната нужност од постојаното редефинирање на државотворноста на држава која континуирано постои. Во траење од еден мандат, во контекст на внатрешна политика – се спроведува потполно нелегитимен референдиум без политички последици, и во контекст на надворешна политика – апсолутна дипломатска капитулација со промената на уставното име.

(продолжува)
Геополитички и геостратешки цели на Република Македонија – II дел