Левица: Како Царовска ќе укинува учебници додека уште не е ставена во употреба Националната платформа
Од политичката партија Левица реагираа за најавените реформи од страна на министерката Мила Царовска. Од таму прашуваат како министерката Царовска ќе имплементира сериозен и комплексен зафат, со оглед на фактот дека шест месеци не е ставена во употреба Националната платформа која премиерот Заев и Царовска ја најавија во септември минатата година.
Министерката-милионерка, во обид да го оправда заемот од 25 милиони евра за таканаречени образовни реформи, со брзи, непромислени и нетранспарентни чекори, најавува укинување на учебниците и воведување на дигитални учебници. Царовска, без никакво чувство за приоритети во држава каде 455.000 живеат на работ на сиромаштија, очигледно не може да ги земе во предвид главните проблеми со кои се соочува образовниот систем.
Јасно е дека министерката нема претстава за руинираните училишта без основни услови за греење во дотраени објекти, кои се честа слика особено во руралните средини. Дополнително, потценувачки и манипулативни се проценките на Министерството за образование дека само за 400 ученици ќе бидат проблем дигиталните учебници, кога 1.300 семејства немаат ниту електрична енергија! Што значи, се работи за многу поголем број на деца кои ќе бидат дискриминирани и социјално обележани.
Како што направи значителни заштеди, испраќајќи ги учениците дома без никаков обзир дали и колку имаат услови задолжително да ја следат наставата од далечина, така и сега таа реши да не им дава учебници. Исто како што не им даде ниту таблети, ни на учениците, ниту пак на наставниците, кога ги испрати да учат/држат часови од далечина.
Интересен е начинот на кој министерката шпекулира со бројките, па произволно интерпретира податок. Таа излезе со тврдење дека нашите ученици во училиште поминуваат 900 часа помалку отколку нивните врсници ширум светот. Ова тврдење е неточно. Имено, во најголем број држави, на пр. учениците од шесто одделение, минуваат еднакво часови (од 30 до 32 часа) неделно во училиште, а наставната година трае 36 недели. Нашите шестооделенци имаат неделен фонд од 31+2 часа (редовна и задолжителна додатна и дополнителна настава), а наставната година трае 36 работни недели.
Оттука, бројката на која се повикува министерката не се однесува на фондот на часови, туку на ефикасноста од истите. Со наводното модернизирање на учебниците, а во реалност- исклучување од системот за образование на голем број ученици кои нема да можат да следат настава, таа бројка може само да расне.
Левица се залага за постепени образовни реформи, со широка вклученост на експерти и на јавноста, каде првично ќе бидат решени економските и социјалните проблеми со кои се соочуваат училиштата, наставниот кадар и учениците. Секакво грубо форсирање на брзоплети реформи укажува само на тоа дека власта брза да го потроши кредитот во нејзиниот должнички тренд, чии акумулирани долгови ќе ги плаќаат идните генерации.
КАКО ЦАРОВСКА ЌЕ УКИНУВА УЧЕБНИЦИ ДОДЕКА УШТЕ НЕ Е СТАВЕНА ВО УПОТРЕБА НАЦИОНАЛНАТА ПЛАТФОРМА? Министерката-милионерка,…
Posted by Левица on Saturday, 24 April 2021