Угледни битолски инженери и професори на мирен протест против ситуацијата за Чебрен

Битолски инженери и професори се собраа денес на мирен протест во Битола, со цел да го изразат своето незадоволство поради најавеното продавање на хидроелектраната „Тиквеш“ и локацијата на хидроелектраната  „Чебрен“. Инженерите бараат власта да ја преиспита својата одлука и да се одлучи за самостојна градба.  

„Тука сме да го изразиме нашето незадоволство од намерата на Владата, иако држи тоа објаснување дека ЕСМ и државата ќе ги зголемат  своите приходи со изградбата на ‘Чебрен’ , но тоа практично е задоволување со трошките, бидејќи од сегашните 477 милиони евра за период од 60 години коишто ЕСМ  би ги добила од  хидроелектрана ‘Тиквеш’, вака би се зголемиле двојно приходите. Но, граѓаните за истиот тој период би платиле 820 милиони евра повеќе преку сметките за струја. Во исто време Грците би профитирале за 3400 милиони евра“, рече професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола.

Според професорот Трајковски доколку нашата држава би го градела сама „Чебрен“ учеството би било само една четвртина, околу 25 проценти од инвестицијата што значи околу 180 милиони евра, останатото  би се плаќало во одење и вкупните приходи во текот на 60 години би биле 3200 милиони евра, што значи 4 пати повеќе од сегашните приходи од хидроелектраната „Тиквеш“. 

„Ние би можеле да ангажираме и грчка компанија за изведување, иако нашите градежни инженери велат дека сосема е можно и нашите компании да ја градат хидроелектраната“, смета професорот и го нуди решението.

„Македонија мора сама да инвестира и да ја гради хидроелектраната, бидејќи со само 180 милиони евра учество и остатокот земен на кредите и со ангажирање на домашната оператива ќе може да ја изгради самата електрана и да со зголемите приодите за истиот период и ќе го реши  проблемот со складирањето на таа енергија“, рече професорот Трајковски.

Електроинженерот Илија Бендевски, рече дека како стручна фела стравуваат каков исход ќе има целата постапка, бидејќи работите се одвиваат многу брзо.

„Нема транспарентност во целата постапка и се трудиме да привлечеме се повеќе професорски кадар, по што јавно ќе се изјасниме за оваа постапка. Намерата ни е да ја видиме таа документација, како понатаму ќе се одвива проектот и да заземеме став“, вели Бендевски.

Анета Блажевска

apla.mk