Исмаил: Криминалот и корупцијтаа во Македонија се под закрила на САД

  • Став на Реџеп Исмаил – Член на президиумот на Левица

Потполно ја разбираме амбасадорката на САД, госпоѓа Агелар, во нејзиното застапување на економските интереси на нејзината земја. Впрочем тоа и е обврска во состав на нејзиното работно место и дипломатска мисија. Сведоци сме дека САД бескомпромисно и со сета своја моќ ги брани своите државни и економски интереси. Но зошто сега тоа го прави заради интересите на приватна фирма?

Веруваме дека Госпоѓа Агелар е искусен дипломат, добро упатена во секоја сфера на животот и работа во Македонија и несомнено е свесна дека нејзините тврдења дека „Бехтел“ во Македонија работи транспарентно, се неточни. Неодамна склучениот договор меѓу Владата и приватната фирма „Бехтел и Енка“ е недостапен за јавноста. Вистина е дека оваа приватна фирма е избрана законски бидејќи актуелната власт на сила донесе измена на закон со која се легализира нетранспарентност во склучување на прескапи договори за изградба на патна инфраструктура без тендерска постапка, без било каква отчетност, мистериозна тајност на нивната содржина и со пари на македонските даночни обврзници. 

Ја потсетуваме госпоѓа Агелар дека во историјата се спроведувале разни легални постапки. Како примери ги набројуваме ропството, холокаустот во дваесетиот век, сегрегацијата на американското општество на „бели“ и „обоени“, некогашниот лов на вештерки и еретици во бескрајно посакуваната Европа… Сето набројано своевремено било легално, a примери на ваква легалност има безброј. Заради тоа констатацијата дека се’ е по закон, нималку не не’ охрабрува.