Македонија стана вазал на политиките кои ги води НАТО

Во колумна за писменото издание на весникот Фокус, членот на президиумот на Левица, Реџеп Исмаил – Хактан, зборуваше за безбедносната ситуација во Украина и каков е односот на Македонија кон истата. Според Исмаил, по нелегитимното и против-референдумско зачленување на земјата во НАТО пактот, Македонија е целосно трансворимрана во вазал на политиките кои ги води оваа воена организација.

„Во услови на една ваква идеолошка и културолошка закоченост, не е и големо изненадување што Македонија, од политиката на воена неутралност се претвори во држава хранител на милитаризмот, па дури и негов следбеник во чекор. Стратегијата на еквидистанца, како воена неутралност визави судирот помеѓу Големите на геополитичката арена, која своевремено, по осамостојувањето ја воспостави првиот претседател на самостојна и независна Република Македонија, Киро Глигоров, се трансфрмираше до таму да територијата, ресурсите, работната сила, војската но и целокупната државност станаа вазал на едната страна од тој глобален судир, а сега веќе прераснат и во отворен конфликт.“

Исмаил смета, дека пресвртен момент и почеток на водењето вазалски политики кон НАТО е започнат за време на нелегитимното бомбандирање на СР Југославија, кога македонската територија без никаков проблем беше користена како приватен полигон на оваа организација.

Се’ почна со тоа што Македонија, односно нејзиниот територијален интегритет и суверенитет беа помножени со нула, со тоа што, за време на бомбардирањето на Србија во 1999 година, нејзината територија беше користена како полигон на НАТО, односно, како транзитна земја за разместување на воени ресурси, снабдување на воени сили и како база за привремено сместување на некои од воените воздухопловни ресурси на НАТО. Потоа следуваше учеството АРМ во таканаречените „мировни мисии“ на НАТО ширум светот, кои патем, немаа никаква поткрепа во ОН и Советот за безбедност.

Пикот на вазалскиот однос, членот на Президиумот на Левица го гледа во надворешната политика која ја води државата по прашање на конфликтот во Украина.

„Инволвираноста на Македонија во војните на НАТО кулминираше со почетокот на воениот конфликт помеѓу Руската Федерација и Украина. Македонија не се задоволи само со дипломатска осуда на „руската агресија“ врз Украина, не беше доволно ниту гласањето во ОН за поддршка на Резолуција за осуда на Русија, напротив, Македонија стана најголемиот промотор на русофобијата, па дури и финансиски поддржувач на украинската држава во војна. И тоа не беше доволно, па по желба на НАТО и ЕУ (поточно, Британија и САД) нашата држава протера еден куп руски дипломати без никаква причина, и како капак на сето ова, на фронтот во Украина, против руските војници ја испрати сета своја воена опрема и техника, вклучувајќи воени авиони, хеликоптери и тенкови?!“