Уште еден некомпетентен партиски кадар поставен за директор во културата
Власта не престанува со контроверзните поставувања на некомпетентни партиски кадри за директори во доменот на културата. Во декември Бојан Лазаревски беше именуван за вршител на должност директор на Агенцијата за филм (дотогаш член на Управниот одбор на Агенцијата за филм), а денеска Владата го избра за директор на Агенцијата за филм со мандат од две години. Избран е на 9 февруари на владина седница, но Владата таа одлука не ја објавила во јавната информација од седницата, како што е вообичаено на владиниот сајт, туку одлуката е само објавена во Службен весник.
Лазаревски е економист од банкарскиот сектор, а на директорската функција во Агенцијата доаѓа од работно место во финансиското друштво за кредити „ИутеКредит Македонија“. Избран е за директор на конкурс објавен на 30 октомври, а на огласот се пријавиле пет кандидати од кои двајца доставиле комплетна документација и ги исполнувале критериумите на огласот.
Мандатот на претходниот скандалозен директор на Агенцијата за филм – Горјан Тозија истече на 4 август, откако Државната комисија за спречување на корупцијата на 23 јули побара од Владата да го разреши пред истекот на мандатот поради прекршување на процедурите во постапките согласно Законот за филмска дејност, а Владата на 22 октомври констатира дека му е завршен мандатот и заклучи да не му биде продолжен.