Пеката повторно дивее – Апасиев му покажа каде е границата
Петар Ристески – Пеката, познат како „рекордерот за патни трошоци“, денеска уште еднаш потврди дека кога се нема срам, се користи насилство. Во ходникот на Собранието му се заканувал на Димитар Апасиев од Левица – затоа што партијата јавно му ги објавила патните трошоци од 14.300 евра. Наместо извинување до граѓаните за потрошените народни пари, Пеката избрал закани, пцовки и гангстерско однесување.
Како што дознаваме, Апасиев првин се обидел да го смири инцидентот, но кога Ристески продолжил со пцости кон неговата бремена сопруга и дете, реагирал емотивно – му фрлил филџан. И додека некои ќе се згрозат од филџанот, реално прашање е – колку долго треба да трпи човек пцуење на семејство за нешто што е јавен интерес?
Неофицијално, реагирало и собраниското обезбедување, но официјална потврда сè уште нема. Инаку, Апасиев подолго време алармира дека Ристески им врши притисоци и се заканува на пратениците на Левица. Неодамна, Ристески, имаше упатено пцовки и закани кон пратеничката Јована Мојсоска на што реагираше пратеникот Јанчев кој бил во близина, кога без никаква причина Пеката вербално ја нападнал пратеничката.
Ова не е повеќе политика – ова е разголена перверзија на моќта. Пратеник со 14.300 евра патни трошоци дели закани, а кога ќе му се врати со филџан, тогаш се глорифицира како жртва. Па, доста е. Ако институциите не реагираат на насилници во одело, тогаш јавноста мора.
Филџанот можеби летнал во афект, но корумпираниот систем што му дозволува на Пеката да не одговара – трае со години. И токму тоа е вистинскиот скандал.