Продолжува трендот на урбанистичко уништување на јавниот простор во општина Карпош, реагира опозициската партија Левица.
На последната седница на Советот на Општина Карпош, со 12 гласа „за“, беше изгласана продажба на државно земјиште – дел од сервисна улица што се наоѓа зад Машинскиот и Технолошкиот факултет – со цел изградба на катна гаража.
Советничката група на Левица, која гласаше против ваквата одлука, во јавна објава информира дека станува збор за, како што велат, „класичен пример на непотребна урбанистичка интервенција која оди на директна штета на граѓаните“.
„Оваа продажба значи укинување на постојната улица, со што се нарушува пристапноста, безбедноста и нормалното движење на сообраќајот во тој дел од Карпош“, стои во објавата на Левица Карпош.
Од партијата истакнуваат дека граѓаните не биле прашани, и дека мнозинството во Советот – составено од советници на СДСМ и коалицијата, како и од редовите на ГРОМ, ЗНАМ и неколку т.н. „независни“ советници – донело уште една штетна одлука „во корист на приватни интереси и на штета на јавниот интерес“.
„Наместо суштинска дебата, присуствувавме на лични напади и ниски дисквалификации, со кои се обидуваат да ја разводнат критиката и да го прикријат вистинскиот проблем – континуираната распродажба на јавниот простор“, наведуваат од Левица.
Од партијата порачуваат дека ќе останат доследни во својата борба против, како што ја нарекуваат, „бетонизацијата и комерцијализацијата на општината“, и најавуваат дека ќе продолжат активно да се спротивставуваат на секоја интервенција што го укинува јавниот простор и ја загрозува благосостојбата на граѓаните.

