Таравари си замина, штетата остана – Министерот за здравство си даде оставка

Министерот за здравство Арбен Таравари денеска поднесе неотповиклива оставка, официјално доставена до премиерот Христијан Мицкоски. Во своето писмо, поранешниот министер зборува за „посветеност, транспарентност и чувство за должност кон граѓаните“. Но реалноста на терен – празни аптеки, распаднат јавен здравствен систем и безброј трагедии – сведочи за сосема поинаква вистина.

Во само неколку месеци на чело на Министерството, Таравари стана синоним за административен хаос и комуникациска тишина. Иако дојде со ореол на реформатор и искусен лекар, набргу стана јасно дека политичкиот багаж и предизборните калкулации му беа поважни од вистинските реформи.

Да потсетиме: Клиниката за онкологија остана без терапија, родилки и новороденчиња гинеа под сенката на системска негрижа, а во болниците владееше атмосфера на паника и недоверба. Наместо да се соочи со овие проблеми, Таравари се скри зад формални изјави и апстрактни ветувања за „подобро утре“, додека денешниот пациент беше оставен сам.

Оставката доаѓа токму во момент кога од министерот се очекуваше отчет, одговорност и конечно – конкретен план за спас на јавниот здравствен систем. Наместо тоа, си заминува тивко, со обвивка на лажна достоинственост, оставајќи ги граѓаните со горчливото прашање: што точно направи за време на својот мандат?

Дали оставката е обид за бегство од политичка и кривична одговорност или едноставно признавање на немоќ? Како и да е, Арбен Таравари оди, а последиците од неговото „министерување“ ќе ги плаќаат пациентите, лекарите и медицинските сестри уште долго.

А здравството? Тоа останува во слободен пад.

Може да ве интересира