Огранокот на Левица во Охрид, со остри критики до градоначалникот Кирил Пецаков и ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, флагрантно непочитување на дадените предизборни ветувања за заштита на природното богатство – Студенчишкото Блато.
Иако Пецаков во својата програма ветуваше ревитализација на блатото преку изградба на поврзувачки канали со Охридското Езеро, уредување на просторот со инфо-табли, видиковци и патеки, денес реалноста на теренот е сосема поинаква. Според Левица, наместо заштита и уредување, за само две години на просторот осамнале пет нови дивоградби, и покрај тоа што постои решение за привремена заштита на ова подрачје.
„Не само што проектот за заштита на рибниот фонд, мрестиштата, и гнездилиштата на птици остана мртво слово на хартија, туку и самиот простор станува мета на пустошење – сето тоа во име на профит за добро вмрежени локални групи“, реагираат од Левица – Охрид, кои велат дека располагаат со фотографии и видеа што го потврдуваат ова.
Партијата го нарекува ова „еколошки геноцид“ и посочува дека ДПМНЕ ја продолжува политиката на клиентелизам, корупција и игнорирање на јавниот интерес.
„Природните богатства не се приватни имоти на корумпираните политички елити. Тие се заедничко наследство и нивната заштита е колективна одговорност!“, порачуваат од Левица.
Од партијата најавуваат дека ќе продолжат да го следат работењето на локалната власт и во пресрет на крајот на мандатот ќе го потсетат градоначалникот Пецаков што е сè ветено, а неисполнето – со сите последици по јавниот интерес и животната средина.
